
Започна изградбата на фекална канализација во село Мачево. Проектот ,,Изградба на фекална канализација во село Мачево”, како што информираа од Општината се реализира, со средства обезбедени со пренамена на 35 милиони евра од ТАВ, што беа предвидени за изградба на карго аеродром во Штип.
-Општина Берово во распределбата на тие средства, доби околу 26 милиони денари, за реализација на проект “Изградба на фекална канализација во село Мачево”. Со реализација на овој проект, решаваме голем проблем на жителите од с. Мачево и уште еднаш ја потврдуваме посветената работа, инвестираме во инфраструктурата, секаде каде што е потребно, истакнаа од Општината.

Увид во градежните работи, денес извршија стручните служби во општина Берово, заедно со градоначалникот Звонко Пекевски кој додаде дека Општината подеднакво се грижи да го подобри животот на жителите како во градот, така и во населените места.
Преку одлуката за пренамена на средства, како што дополнија од Општината, обезбедени се 35 милиони евра, за 99 проекти, со опфатени 75 општини.

Најголем дел од средствата се одобрени за изградба и реконструкција на локална патна инфраструктура, за водоснабдителна мрежа, за канализациски мрежи, за реконструкција изградба на градинки и училишта и спортски објекти, за реконструкција и изградба на здравствени установи и за други проекти, по предлог на општините.
Leave a Reply