Отворена нова сензорна соба во ООУ ,,Св.Климент Охридски” во Делчево

Отворена нова сензорна соба во ООУ ,,Св.Климент Охридски” во Делчево. За самиот тек на проектот и целта на неговата реализација повеќе од изјавите на директорот, донаторите и стручниот тим од училиштето заедно со директорот Горан Димитровски.

Изјава на градоначалникот Горан Трајковски:

-Да се помогне секогаш, кога е потребно, да се издвои онолку колку што се може, бидејќи и со малку, може да се променат нештата на подобро. Отворањето на сензорната соба во ООУ „Св.Климент Охридски“ во Делчево е школски пример како со општествено одговорни граѓани, граѓани свесни дека со нивните донации може да се помогне во отстранувањето на препреките, да се создаваат услови за инклузивност на учениците со попреченост, да се создаваат услови за еднакви можности и шанси за развој. Ми претставуваше посебна чест што бев дел од донаторите за реализација на идејата на наставниот стручен кадар и на директорот на училиштето, Горан Димитровски. Изразувам благодарност до сите донатори кои ја препознаа можноста и со својата несебичност се вградија во темелите на инклузивното училиште ООУ „Св.Климент Охридски“ во Делчево. Со сензорната соба во ова училиште стручниот тим добива инструменти и алатки со кои ќе може да ги реализира индивидуалните третмани со учениците со образовни потешкотии. Сензорната соба е опремена со различни реквизити кои нудат стимулација на сите сетила и со нивно користење ќе ја подобруваме сензорната дисфункција кај децата, рече Трајковски.

Изјава на донаторот Виктор Коларски.

-Благодарност и чест ми е што можеме да помогнеме, посебно задоволство што на деца со посебни потреби ќе им овозможиме да имаат подобро детство и подобри училишни денови. Се надеваме дека и во иднина ако треба некоја помош тука сме за се што треба наше задоволство ќе биде да помогнеме, рече Коларски.

Изјава на советникот Иван Гоцевски:

-За нас е чест што можеме да одвоиме дел од нашите средства, да помогнеме во реализација на оваа идеја која е родена од колективот на училиштето и директорот. Особено ни е драго што донацијата оди во делот на дечињата со попреченост што ќе помогне во развојот на инклузивното образование, рече Гоцевски.

Изјава на донаторот Јулија Маринкова:

-Чест ми е што можев да помогнам во ова со мал придонес. Инаму и јас се грижам за дете со посебни потреби и баш се радувам бидејки со тоа ги прифаќаме тие деца. Во оваа прилика ќе ја кажам анегдотата за птицата која гаснела пожар носејки вода со својот клун, упатувајки порака дека секој треба да помогне во рамки на своите можности онаму каде што може и колку може, рече Маринкова.

Во рамки на настанот благодарност до донаторите упати и директорот на училиштето Горан Димитровски, а потоа за реализацијата на самиот проект, претставникот на училиштето Снежана Ордева се обрати пред присутните:

-Добар ден на сите присутни и Ви благодарам што одвоивте дел од Вашето време и дојдовте на овој свечен настан кој е од голема важност за сите нас.Како прво сакам да истакнам дека нашето училиште ООУ „Св.Климент Охридски“ години наназад работи во полето на инклузијата и вклучување на деца со потешкотии во Воспитно-образовниот процес. Во училиштето покрај редовните паралелки има и посебни паралелки во кои учат деца со пречки во развојот. Од минатата година со процесот на инклузивно образование овие паралелки се трансформираа во Центар за поддршка. Самиот процес на инклузија повлекува безброј барања и потреби кои ќе им го олеснат образовниот процес на децата со потешкотии. Од минатата година со овие деца работат образовни асистенти, а сега еве и отварањето на сензорната соба која претставува чекор кон поинклузивно образование. Ова е голем чекор за нашето училиште, затоа што ние како стручен тимдобивме инструменти и алатки со кои ќе можеме да ги работиме индивидуалните третмани со учениците со образовни потешкотии.

Сензорната соба е опремена соразлични реквизити кои нудат стимулација на сите сетила и со нивно користење ќе ја подобруваме сензорната дисфункција кај децата. Нема поголемо задоволство од надминување на пречките какви и да се тие во развојот на детето. Затоа и сега сме со амбиции и планови како треба да се користат можностите што ги добивме во училиштето. Знаеме дека семејствата на децата со попреченост вложуваат многу во нивниот развој, а тоа подразбира и различни третмани кои чинат многу.

Со оваа сензорна соба, дел од тие третмани ќе можат бесплатно да ги користат во рамките на образовниот процес. Градењето инклузивна средина со еднакви можности за сите деца, во наши услови, подразбира постојани барања од инклузивните тимови во училиштата до нивните раководства. Знаат да не прекорат дека нашите „апетити“ се големи, но безалатки не се работи, особено кога гледаме напредување кај децата и тогаш посакуваме да имаме нешто ново што ќе ја збогати нашата работа. Секако сон на секој едукатор е да ја имаа оваа сензорна соба каде што ќе може да понуди повеќе работа со учениците за да постигнат подобри резултати. Посакуваме инклузивна средина удобна за сите, и за учениците и за кадарот во училиштето, по која ќе биде препознатливо нашето Делчево.

Кога ја гледаме отвореноста и волјата кај сите, тогаш треба да се искористи моментот и заеднички даго направиме тоа. Работиме на запознавање на родителите и учениците со нивните права и обврски за да ја подигнеме свесноста за создавање заедница во која ситедеца ќе имаат еднакви можности за раст и развој на која моментално чекаат 10-тина ученици со потешкотии од ООУ „Св.Климент Охридски“ и уште неколку од ООУ „Ванчо Прке“. Затоа сакаме да искажеме голема благодарност до Градоначалникот на општина Делчево, Горан Трајковски и до донаторите, односно луѓето кои несебично помогнаа во реализацијата и отварањето на оваа сензорна соба: Виктор Коларски – наш сограѓанин кој живее и работи во Америка, Иван Гоцевски – советник во Советот на општина Делчево, Јулија Маринкова – наша сограѓанка која живее и работи во Англија. Дел од наставниот кадар во ООУ „Св. Климент Охридски“ Делчево: Коста Цинцовски, Дарко Цинцовски, Даниела Анѓеловска и Весна Иванова. Голема благодарност и до директорот на нашето училиште Горан Димитровски, кој ни дава голема поддршка во реализација на инклузивниот процес и има огромна улога во реализирање на оваа сензорна соба. Голем допринос за опремување и уредување на оваа сензорна соба имаат и помошно техничкиот персонал во нашето училиште.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*