Во Делчево се одржа најавениот протест на сопственици на насади со сина слива

Во Делчево се оствари најавениот протест на сопственици на насади со сина слива, кои со двочасовно блокирање на регионалниот пат Делчево – Пехчево – Берово го изразија незадоволството од како што велат, немањето организиран откуп за nајзастапена овоштарска култура во Пијанец и Малеш. 

-Нема откуп и трговци како другите години. Во однос на цената предлагам агрономи и економисти во Министерството да седнат и да пресметаат на хектар на декар или на кило произведено слива колку трошоци имаме почнувајки од резидба, берба, прехрана, заштита и да видат дали се доволни 6 денари, ако се осум денари дали и тие 8 денари се доволни и ако не се доволни остатокот да биде покриен и да пуштат некое денарче да преживееме од берба до берба ништо повеќе не бараме, вели овоштарот Атанас Ангеловски од делчевското село Град.

На територијата на Пијанец производството се движи од 10 до 15 илјади тони модра слива, Ангеловски на својот имот работи околу 25 хектари овошни насади од кои повеќето круши, сливи и вишни.  Вели дека неговите деца кои се академски граѓани, поради ваквите проблеми, размислуваат со сиот тој имот да ја напуштат државата и да печалат во странство.

-Пред две-три години исто протестиравме тогаш дадоа субвенции на откупувачите и така некако тргна работатаМоментално онаму каде се откупува сливата во вреќа е 6 денари за килограм, во гајба е 8 денари за преработка, а во дрвена гајба од 10 до 12 денари, така барем велат тамошните производители, ние бараме минимум 12 денари, додава  Ангеловски.

Во Пијанец како што додаде производителот Исус Десподовски од делчевското село Вирче се потребни преработувачки капацитети од типот на сушари и дестилерии, во спротивно според него проблеми со пласманот на сливата ќе има постојано.

-Во спротивно ќе дојде до разочарување ќе се запустат овоштарниците и ќе се запусти се. Во 2018 година имавме ветување дека ќе отворат преработувачки капацитети дестилерија и сушара, но од тоа не видовме ни најава. За протестот имаме поддршка од сите и од овоштарите од Малашевијата, каде има една сушара која минимално може да го задоволи капацитетот. Но тука е потребна сушара или дестилерија која ќе го собере родот и други преработки, а државата преку јавно приватно партнерство ќе интевренира, вели  Десподовски.

За надминување на ваквата состојба производителот Јованчо Медарски предлага брза средба помеѓу министерот и овоштарите.

-Бараме Министерот да организира средба со овоштарите и да каже има ли перспектива овоштарството или како што кажаа луѓето да извадиме да искубеме се од нивите и да го баталиме овоштарството, па нека си баарат чаре луѓето. Имаме наводно некоја прграма да ги вратиме младите, а всушност правиме програма да ги избркаме младите, дециден е Медарски.

Производителите апелираа да не се дозволи сливата да „легне“ по нивите па проблемите да бидат уште поголеми. Со протести најавија дека ќе продолжат се до оној момент додека не го добијат она што го бараат. Од подрачната канцеларија на МЗШВ истакнаа дека со производителите е оджан констуктивен разговор, а нивните барања веќе се проследени до Министерството со цел да се изнајде решение  за проблемот кој го имаат производителите на најпознатиот Пијанечки бренд модрата слива.

Целосниот видео материјал од денешните протести на видеото ТУКА

Производителите ги посети и поранешниот министер Цветан Трипуновски:

„Денеска сум во Делчево и Делчевско на посета и разговор со производителите на слива од овој регион кои во моментов се соочуваат со проблеми на пласман и откуп на сливата од овој регион. Денеска и земјоделците од овој регион протестираат против немањето откуп и ниската откупна цена која во моментов ја понудуваат откупувачите од овој регион, практично цената е мизерни 8 денари по килограм којшто едноставно никој не ги откупува, затоа и го блокираа регионалниот пат, да го изразат своето незадоволство коешто го живеат во моментов“, рече Трипуновски.

Тој побара да „не трошат пари на луксуз и луксузирање на државен трошок туку навистина да работат во интерес на земјоделците“. „Само за потсетување, СДСМ во овој регион, во предизборието во 2016 година ветуваше и дестилерии и откупувачи и пласман сигурен на овој земјоделски производ, денеска гледаме дека земјоделците мака мачат како да го предадат својот род“, рече Трипуновски.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*