
Александар Сашо Стоичовски е делчевчанец кој повеќе од 20 години живее во Скопје, тој во последните околу 8 години целосно е посветен на атлетиката. На неговиот фејсбук профил често може да забележиме многу фотографии од учества на светски атлетски маратони, за кои многу спортисти можат да му позавидат. Зад сето тоа се крие некој почеток, а бидејки лично сведочевме на неговото прво учество на трката низ градските улици во Делчево, за што има и видео запис, го запрашавме, од каде љубовта кон атлетиката и дали Делчево беше таа почетна станица која целосно го втурна Сашо во маратонското трчање.
Делчево365: Кажете ни нешто повеќе за вашите почетоци во овој спорт?
Стоичовски: Денешниот динамичен начин на живот не ни остава многу слободно време за активности надвор од домот и работата. Но тоа не смее да биде оправдување за нашата физичка неактивност. Доволно е еден час во денот да излеземе надвор, да пропешачиме, потрчаме, испланинариме или повозиме велосипед.
Со трчање започнав во 2014 година, со наполнети 40 години, сосема случајно, некако изгледаше како наједноставен начин за рекреација, без било каква дополнителна организација. До тогаш незнаев ништо за трчањето, не познавав некој што трча, а не знаев ни каде се трча, па трчав по тротоарите во близина на мојата зграда. Тоа беа дистанци од околу 2 километри кои многу тешко ги совладував, бидејќи како и секој почетник имав проблем со дишењето и воспаление на мускулите.

Делчево365: Продолжуваме за понатамошната фаза од вашата приказна, како одминуваше времето следејки ве на социјалните мрежи бевме сведоци на вашите учества на поголемите маратони. Што следуваше после Делчево, Кејот на Вардар сигурно е едно од местата каде продолживте со трчање?!
Стоичовски: Да, после извесен период открив дека најдобро место за трчање во Скопје е кејот на Вардар, каде од тогаш, па до денес сум скоро секојдневно присутен. Кога почнав со трчањето идејата не ми беше да учествувам на трки туку само рекреативно да се занимавам со овој спорт. После една година рекреативно трчање, првата пријавена трка беше во 2015 год., Скопски маратон – 5км која што поради тогашните немили настани во Куманово не се одржа. Еден месец подоцна се случи прва трка на која учествував – трката во Делчево, која што беше едно убаво искуство. На трката во Делчево учествував и следните две години, и искрено се надевам дека овој убав настан во Делчево ќе продолжи и во иднина. Во септември истата година следуваше одложената трка на 5км од Скопски маратон. Веќе следната година предизвик беше да се истрча Полумаратон (21,1км) кој што беше совладан во Мај 2015 -Скопски Маратон, како и Октомври 2016 – Софиски Маратон .
Делчево365: Не може, а да не се осврнеме и на трките во големите градови, учества сигурно имаш многу, а имајки предвид дека учествата на такви маратони изискуваат и добри подготовки како се подготвувавте и го поднесовте сиот тој напор?
Стоичовски: После истрчани илјадници километри, некако сам по себе се појави предизвикот да се истрча маратон – најтешката дисциплина во атлетиката, да истрчаш 42,2 км без застанување. Подготвителниот период за маратон трае 4-5 месеци, со скоро секојдневно трчање, рано на сабајле, попладне или навечер зависно од периодот во годината, илјадници истрчани километри, воспаленија на мускули и повреди, но сето тоа се заборава со поминувањето на целта. Е, кога ќе ја поминеш целта, веднаш почнуваш да правиш планови за следен маратон.

Љубовта кон трчањето ја споив со желбата за патување. Освен на трките во Делчево, Скопје и останатите градови во Македонија имам учествувано и на маратони во Софија, Белград, Будимпешта, Истанбул, Солун, Барселона и на најстариот и најперстижен светски маратон во Бостон.
За време на маратонот главните улици во метрополите се затворени и уживаш во најдобрата тура за разгледување на градот. На пример во Истанбул тоа е единствена можност да трчаш на Мостот на Босфор и со трчање да поминеш од Азија во Европа, во Будимпешта целата патека е покрај Дунав, од Хопкинтон до Бостон се трча низ 8 населени места, и долж патеката од 42 км нема ниту педа без публика која ги поздравува маратонците со овации…
Делчево365: Имајки предвид дека сте семеен човек, дали други членови на семејството го следат вашиот пример и ако е така што можеме да кажеме во таа насока?
Стоичовски: Моите ќерки Ева и Неда со нетрпение ја очекуваа трката во Делчево и учествуваа на сите 3 трки, Неда две години освојуваше и подиум во нејзината категорија, а потоа продолжија со тренинзи и натпревари во Скопје.
Делчево365: Последен пат ве забележавме како трчате во Делчево, дали тоа значи дека наскоро ве очекуваат нови предизвици?
Стоичовски: Подготовките и тренинзите траат во текот на целата година. Следен пријавен маратон е Москва на 18.09.2022, меѓутоа поради моменталната ситуацијата и откажаните летови не знам дали ќе можам да отпатувам, па најверојатно ќе ја заменам со КОЛОРРУН трката во Скопје која е на истиот датум, веднаш потоа е Скопски маратон и на крајот од октомври е маратонот во Љубљана, а помеѓу овие маратони ќе се истрча уште некоја трка низ Македонија.

Делчево365: Пандемијата ги одложи трките во Делчево три години по ред, дали Доколку во Делчево пак се одржи трка по повод 24 Мај – денот на градот, би се пријавиле, сега веќе имате многу поголемо искуство и сигурно највисок пласман доколку учествувате би била целта?
Стоичовски: Секако. Трката во Делчево ми е омилена се надевам дека организаторите Драган и Дејан ќе ја продолжат традицијата, а јас можам да им ветам масовна посетеност од страна на нашиот клуб KORRUNERS и пријателите од другите клубови.

Делчево365: За крај која би била пораката до помладите спортисти, до оние кои можеби немаат услови за атлетика, па се одлучуваат за друг спорт?
Стоичовски: Пораката не само за помладите, туку и за постарите е да почнат за се занимаваат со овој спорт, за трчањето не се потребни некои специјални услови, доволни се само патики, желба и истрајност.

За крај би сакал да ја искористам оваа прилика и да ги поканам сите почетници и вљубеници во трчањето на 18.09.2022 да дојдат на нашата трка KOLORRUN на која ќе имаат уникатна можност да трчаат низ East Gate Mall.

Leave a Reply