
Во организација на Планинарскиот-спортски клуб „Голак“ од Делчево, се одржа вториот еднодневен младински камп, во чии рамки се реализираше планинарски марш до месноста Илин Камен. Кампот како што информираше претседателот на клубот Љупчо Чучуковски се реализира во соработка со гимназијата „Методи Митевски – Брицо“ како дел од одбележувањето на Европската недела на спортот.

-Ја продолжуваме традицијата со Средното училиште кое ја започнавме во 2018 година, така што и денес го организираме овој еднодневен младински планинарски камп. Направивме еден планинарски марш преку месноста Јонузов Рид, потоа го посетивме местото Илин Камен и пристигнавме кај манастирскиот комплекс Св.Илија, а ќе слеземе преку селото Ѕвегор, со што ќе ја заокружиме маршрутата во вкупна должина од 13 километри, рече Чучуковски.

Во рамки на настанот се одржаа спортски игри во повеќе дисциплини, кои според професорот Влатко Димитровски се добра основа младите да пробаат да ги подобрат своите кондициски способности.

-Бидејки е Европски ден на спортот јас посакувам почесто, односно спортот секојдневно да го конзумираме, без разлика дали ќе е тоа скокање со јаже, влечење јаже и друг вид на спорт, иако и друштвените мрежи си имаат некоја предност сепак апелот е и во иднина да му дадеме повеќе шанса на спортот, рече Димитровски.

Во рамки на еднодневниот камп свои активности имаа и членовите на ликовната секција, кои изработија повеќе дела кои ќе бидат искористени за разубавување на училишниот ентериер.

Организаторите вакви младински кампови најавија и за во иднина.
Leave a Reply