
Мехмед Оџов од пехчевското село Црник е еден од ретките луѓе кои се занимаваат со соколарство, а за оваа негова пасија упатените веќе добро се запознаени од неговите видеа на Tik Tok, Youtube и други социјални мрежи.
Во мини-интервјуто за Делчево365, Оџов не информираше дека моментално одгледува јастреби од две различни сорти и за нив вели дека иако се грабливци, се од голема важност за човекот и природата.
-Чувам 2 јастреби од сортата глувчари и еден јастреб од сортата кокошкар. Малите ,,глувчари” ги чувам од мали бебиња, дојде време кога требаше едното да го пуштам и после 10 дена истото се врати дома.

За себе Мехмед вели дека е дете на природата, а за јастребите дознал преку видео кое му го пратил негов другар, по што почнал да истражува за јастребите и дознал дека постои соколарство и почнал да учи за соколарството.
-Јастребите се птици грабливки и можат да нанесат сериозни повреди ако немаш соодветна опрема. Сите птици грабливки се заштитени со закон и се забранети за убивање и заробеништво, ако за птицата немате документи и не е одгледана во фарма.

Јастребите Оџов ги храни со пилци, едновенци петли и глувци.
-Кога не сум дома, мора да има некој да ги нахрани навреме за да не умрат. За одгледување е потребна доста голема воља, но и голема хигиена.
Не го повредиле никогаш, но додава дека јастребот има карактер на грабливец и никогаш не може да биде домашен миленик.
-Таква им е природата на јастребите. За да се земе јастреб треба да се учи за соколарство и птиците се доста скапи со документи и доста голем процес е тоа. Сериозно треба да се земе во обзир дека тоа не е е шега. Исто така и дресирањето не е едноставно, потребно е време, посочува Оџов.

СЕ ПЛАШАТ ЛИ ОД ЛУЃЕТО ЈАСТРЕБИТЕ
-Јастребите не се плашат од луѓето, но тие ги убиваат без да им прават штета. Човекот е најголем непријател за нив, а моја препорака до сите читатели на Делчево365 е никогаш да не убиваат птица грабливка, макар убила кокошка или гулаб, вели Оџов, додавајки дека тие се многу значајни за нас и природата.

Лчно не правел пресметка колку го чини одгледувањето на овие птици, но вели дека средствата ниту се многу, ниту малку.
-Според мене соколарството е начин на живот, тоа е традиција која бара многу време, тука е одгледување на птицата, тренингот, ловот и поврзаноста со птицата. Според некои тоа е хоби, според некои тоа е начин на живот и не е толку едноставно да се објасни, бидејки и јас сим почетник, вели Мехмед Оџов.

Тој е постојано со птиците, неговите најблиски се навикнале на оваа негова пасија немаат ништо против тоа туку напротив му помагаат кога треба да се исчисти или за било каква друга помош.
Успеал да спаси повреден јастреб (кокошкар) кој сега го чува.
Птицата сега како што додава е во фаза на митарење и малку е вознемирена, бидејки ги менува пердувите.
Во продолжение дел од видеата кои Оџов ги прати до редакцијата на www.delcevo365.mk:
https://youtube.com/c/FalconerMemoMemoMKD
Leave a Reply