
Под мотото “Биди причина за нечија насмевка“, во Делчево се реализираше Отворен ден со младите, како дел од одбележувањето на Неделата на младите. Активноста ја организираше Општинската организација на Црвен крст Делчево, чиј претставник Ивана Ангеловски истакна дека истата е дел од традиционалниот календар на настани на Црвениот крст на Македонија.
-Црвениот крст оваа активност ја реализира секоја година од 1 до 7 октомври, а годинава под мотото „Биди причина за нечија насмевка. Во рамки на настан имавме распоредено 7 катчиња меѓу кои катчиња за пружање помош, за креативна инклузија, ментално здравје, жива библиотека, ПХВ проекти, друштвени игри и освежување. Активноста помина во најдобар ред. Ја користиме можноста да се заблагодариме на Средното општинско училиште „М.М.Брицо“ кои овозможија настанот да се реализира во училишниот двор, рече Ангеловски.

Младите волонтери Магдалена Георгиевска и Симона Ќурчиска во рамки на денешниот настан ја имаа улогата на обучени едукатори за одржување на врсничка едукација на тема ментално здравје.
-Најмногу заинтересираност имаше за едукативната активност Триаголник за здравјето која е поврзана со менталното физичкото и социјалното здравје и имаше добри резултати од вежбата. На присутните им укажувавме во кои полиња треба да се подобрат, со особен акцент на менталното здравје, кое е доста загрозено по пандемијата со ковид -19. Им укажавма на младите дека менталното здравје е битен фактор во целокупната слика од здравствениот билтен на еден млад човек, истакнаа волонтерките на Црвен крст Делчево.
За младите, но и повозрасните граѓани кои го проследија настанот, ваквите активности се од огромна полза во насока на зголемување на едукацијата за подобрување на сопственото здравје, а воедно и одлична можност младите да ги подобрат своите вештини во повеќе области.
Leave a Reply