Формирана ЦДУ (Централна демократска унија) нова партија на Ромите

До нашата редакција пристигна допис од новоформираната политичка партија ЦДУ, Централна демократска унија која е наменета за Ромите во Македонија. Дописот ви го пренесуваме во целост:

Почитувани,
Ми претставува голема чест што денеска можам да се обратам пред вас, многу Роми
собрани на едно место. Пред мене гледам луѓе кои се разликуваат по многу
карактеристики: пол, возраст… Но, сите се обединети во едно, а тоа е дека конечно
треба да почнат промените.
Ја формиравме партијата Централна демократска унија која е наменета за Ромите во
Македонија. Примарна цел на нашата партија е ромско обединување и заштита на
ромските интереси и решавање на проблемите со кои се соочуваме. Тука ве гледам во голем број и искрено ве уверувам дека нашата партија ќе се
разликува од останатите партии во ромскиот политички блок. Иако има релативно
висока бројка на Роми во нашата држава сепак има голема разединетост меѓу нас.
Бидејќи веќе останатите партии се прочитана книга, ние конечно ќе го слушаме гласот
на народот и ќе се бориме за подобра иднина на ромската заедница која што се
соочува со големи проблеми.

Идеолошки припаѓаме на партиите од центарот кои не се ниту леви, ниту десни
„Централна демократска унија“. Но, моментално не ни е важна идеологијата.
Исклучиво ни е важно само едно: а тоа е да обезбедиме подобар живот на Ромите во
Македонија.

Ние сме партија која гласно ќе зборува за проблемите на Ромите во Македонија, а за
решавање на истите демократски ќе се одлучува во рамките на самата партија. Во
нашата партија сите ќе имаат можност да придонесат во решавањето на проблемите и
креирањето на посветла иднина.

Во политичката партија ЦДУ има луѓе кои веќе подолго време биле активни во
политиката, но и млади луѓе кои сега за првпат влегуваат на македонското политичко
поднебје. Сите сме полни со ентузијазам и желба конечно да донесеме промени.
Централната Демократска Унија веќе активно започна со работа на терен. Отворивме
ограноци на партијата низ цела Македонија, а веќе работиме на тоа да бидеме првата
партија која што ќе им даде простор на младите и на жените Роми во Македонија.

Еманципацијата не ги одминува ниту Ромките кога станува збор за родовата
рамноправност и борба за подобар социоекономски статус. Долгорочната цел е да ги
вклучиме жените Роми да се интегрираат во општеството, да се образуваат и подоцна
да најдат работа. Исто така, сакаме да ги активираме и младите и да развиеме
Младински активизам помеѓу сите Роми во Македонија. Да ги поттикнеме младите
поактивно да се вклучат во образовниот процес, да ги информираме за можностите
кои им се нудат од страна на институциите и да ги намалиме образовните разлики
меѓу Ромите и другите националности.

Време е конечно да го кренеме гласот бидејќи останатите Роми нѐ донесоа до ова
дереџе. Што да кажеме за нивните „човек – партија“ со кое велат дека нѐ
претставуваат нас? Или за самопрогласените лидери кои вечно лажат во наше име! Ги
гледаме само пред избори, а останатите 4 години никаде ги нема. Е токму тоа сакаме
да го промениме!

Честопати ме прашуваат и мене „зошто толку си опседнат со политика“ и ми
коментираат да се откажам од моите политички намери и да имам „мирен живот“. Јас
не можам да седам со скрстени раце додека ја гледам ситуацијата во која се наоѓаат
Ромите во државата! Мене јасно ми е дека некои Роми се наоѓаат во исклучително
тешка состојба. Немаат водовод, канализација, а да не зборуваме за интернет без кој
денес не може да се функционира во денешно време. А не пак да размислуваат за
некоја посветла иднина за нив и нивните поколенија или одење на одмор што е нешто
најнормално во 21-от век. Сето ова е поради погрешното водење политика и лошиот
третман на Ромите во изминатите 20 години во Македонија.

Доста беше! Ставаме крај на оваа реторика. Веќе никој нема да ги понижи Ромите,
веќе Ромите нема да бидат третирани како гласачко тело само на ВМРО-ДПМНЕ и
СДСМ. Нема да дозволиме! Ромите конечно ќе гласаат за ромска политичка партија, а
ЦДУ е тука за да им го овозможи тоа.
Се обврзувам дека ние ќе обезбедиме достоинствен живот на Ромите во Македонија.
Ќе обезбедиме четири основни приоритети, а тие се: образование, вработување,
здравство и домување. Конечно ќе работиме за прогрес на секој можен план.
Време е за ромско единство, време е за промени! Ви благодарам што дојдовте во
толку голем број и ве уверувам дека доаѓаат подобри денови за Ромите во
Македонија, а ЦДУ ќе го овозможи ова да стане реалност! Време е за ромско единство, се вели во дописот од Партијата ЦДУ.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*