Блиц интервју со Бобан Фелло во пресрет на изложбата „Delchevo above“

Во Делчево на 31 октомври 2022 ќе се одржи изложба на фотографии ,,Delchevo above“. Авторот на изложбата која се реализира во сорабтка со Јавната локална библиотека „Илинден“ од Делчево е нашиот сограѓанин Boban Fello, кој во рамки на изложбата ќе презентира фотографии од Делчево „од поинаков агол“.

Присуството на авторот во родниот град го искористивме да направиме кратко Блиц интервју со него:

Делчево365: Што се крие зад идејата „Delchevo above“?

Бобан Фелло: Идејата Delchevo above е иницирана од директорката на Јавната локална библиотека ,,Илинден” Биљана Петровска која што со својот ентузијазам и желба за развој на културниот живот во Делчево предложи фотографиите на 31 октомври да бидат изложени во фоајето на библиотеката.

Делчево365: Колку фотографии ќе бидат презентирани и што се подразбира под тој „поинаков агол“ на Делчево?

Боба Фелло: На изложбата ќе бидат презентирани 10 до 15 фотографии, кои што го претставуваат нашиот мал град од малку поинаков агол, а тоа се убавините од Делчево „од високо“. Фотографиите го претставуват Делчево фотографирано од дрон преку ден и преку ноќ.

Делчево 365: Ја спомнавте културата, дали Делчево според вас може да се пофали и со други настани од културата, колку имате можност да ги следите настаните имајки предвид дека живеете во Англија?

Боба Фелло: Тоа што живеам во Англија не ми пречи да ги следам културните и воопшто настаните во родниот град, но мое лично видување и мое лично мислење кое никако не е променето во последните 10 години е дека Делчево е град кој што не може да се пофали со културни активности и мислам дека областа култура во Делчево е на маргините. Но благодарение на ентузијасти, како што е директорката Биљана Петровска во последните неколку години културата во Делчево е поместена од мртва точка. Имам во предвид дека се организираат промоции на книги, промоции на изложби, литературни читања и работилници во кои се инволвирани младите кои преку интерактивност ја презентираат литературата и го покажуваат својот талент, кој на друг начин не би имале каде да го покажат.

Делчево365: Се навраќаме повторно на фотографијата, дали правењето фотографии е ваше хоби или нешто повеќе?

Бобан Фелло: Фотографијата за мене почна како хоби, кое се претвори во нешто друго. Сепак себеси се декларирам како фотограф ентузијаст.

Делчево365: Во делот на вашата работа имате изработено и документарен филм за Црквите во Источна Македонија. Видеото е доста гледано во дијаспората, планирате ли продолжение на вакви и слични промоции на места и објекти кои се на некој начин запоставени?!

Бобан Фелло: Да вистина е дека документарниот филм повеќе е гледан во дијаспората, отколку дома, но тоа е резултат на родољубивиот нарав на Македонците кои живеат надвор од Македонија, со што се покажува дека сепак македонското во себе не изумрело. Во врска со продолжувањето на овој проект се разработуваат идеи кои што преку видеа и раскази би ги презентирале местата кои што се ,,непознати” за Делчевчани, но сепак имаат своја духовна и историска вредност за Македонија и пред се за Делчево.

Делчево365: Која е вашата порака до младите кои сакаат да ја негуваат својата култура и традиција.

Бобан Фелло: Традицијата и културата се нешта кои го прават народот единствен и уникатен. Мојата порака до младите во Делчево е следната: Никогаш не се откажувајте од својата историја, традиција и претци, затоа што тоа е нешто што ве прави тоа што сте. Искористете ја секоја можност која ја имате за промоција на нашиот град, традиџии и култура, бидејки тоа е нешто што го прави Делчево уникатно, затоа што без традиција историја и култура сме никој и ништо!

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*