
Во Делчево отворена изложба на пирографски и копаничарски дела од авторот Ѓорѓи Џабирски. Неговите дела се изложени во фоајето на библиотеката „Илинден“ во Делчево, која изложбата ја организираше во насока на продолжување на промоцијата на творештвото на талентираните автори од делчевскиот регион.
-Јавната локална библиотека „Илинден“ од Делчево, продолжува да ги промовира и поддржува сите наши сограѓани кои се талентирани, создаваат и оставаат било какво творештво зад себе, а сето тоа е недоволно промовирано или воопшто не се знае за нивните дела. Овој пат библиотеката во ходникот изложи 10 слики (икони) техника пирографија и една копаничарска изработка на Ѓорѓи Џабирски од с. Град. Овие прекрасни изработки на дрво навистина заслужуваат да бидат изложени и видени, истакна директорката на библиотеката Биљана Петровска.
Копаничарството и пирографијата како што истакна авторот Ѓорѓи Џабирски кој живее и твори во делчевското село Град, е хоби со кое се занимава околу 12 години.
-Досега имам изработено околу 100 икони и копаничарски изработки. Поголем дел од иконите завршија во Германија, Швајцарија и други земји каде живеат наши иселеници. Истите ги изработувам од оревово дрво кое е нејпогодно за вакви изработки, додаде Џабирски.
Изложбата ќе трае во следните 10 дена, а од библиотеката ги поканија сите љубителите на уметноста да ја посетат и да ги видат делата на делчевскиот копаничар.
Leave a Reply