Ликовното атеље „Љубомир Белогаски“ од Делчево навршува две години од постоењето

Делчевското ликовно атеље кое работи во состав на НУ Центар за култура „Н.Ј.Вапцаров“ од Делчево и го носи името на познатиот сликар Љубомир Белогаски навршува две години постоење. Раководителот на атељето, Александар Белогаски кој е внук на познатиот сликар, вели дека се поголем е бројот на нови членови, напоменувајки дека за две години од работата на атељето, делата на младите уметници презентирани се на неколку ликовни изложби пред пошироката јавност.

-Атељето започна со работа во декември 2020 година и оттогаш досега речиси без прекин работиме со сите кои имаат желба да цртаат, а мора да признаеме нивниот број е доста зголемен. Овде во самото атеље како што гледате имаме доволно материјали, бои, четки, платна и други реквизити што значи дека имаме услови за работа, истакна Белогаски.

Вратите на Ликовното атеље „Белогаски“, како што напомена делчевскиот уметник се отворени за нови членови, кои сакаат да осознаат нови искуства во однос на цртањето во различни техники.

-Самото атеље е отворено вторник и четврток од 9 до 12 часот. Сите млади таленти или оние кои сакаат да цртаат слободно можат да дојдат, членарина не се наплаќа така што овде сигурно ќе најдат простор каде ќе го развиваат својот талент, додава раководителот.

Последната активност членовите на ова студио се реализираше во насока на поддршка на лицата со посебни потреби кои беа вклучени во работата со ликовните уметници.

-Цртежите кои произлегоа од Ликовната работилница насловена „Новогдишна магија“ која е проект на НУ Центар за култура „Никола Јонков – Вапцаров“ се веќе готови. Тоа е еден пример како треба тие лица да ги вклучуваме во нашите секојдневни активности. Се надевам дека истата таа соработка ќе продолжи и во иднина, благодарност до Дневнот центар, ЈЛБ „Илинден“ и Дневниот центар за лица со посебни потреби, кои се вклучија во овој проект, додаде Белогаски.

Раководителот додаде дека кон средината на овој месец во организација на НУ Центар за култура „Н.Ј.Вапцаров“ дел од уметниците од Ликовното атеље ќе одржат самостојна изложба.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*