Трајковски и Чупи потпишаа договор за отворање Центар за иселеници во Делчево

Во Делчево ќе се отвори Центар за иселеници, како дел од Националната стратегија за соработка со дијаспората. Како дел од оваа активност градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски и министерот без ресор задолжен за дијаспора во Владата на РСМ, Џемаил Чупи, денеска го потпишаа Договорот за отворање Центар за дијаспора во Делчево.  

На настанот на кој присуствуваа претставници од Управата за водење матична евиденција, Одделението за управни работи при ОВР-Делчево, АВРМ-Делчево, Фондот ПИОМ-Делчево, Агенција за катастар и Центарот за социјални работи, беше презентиран самиот проект „Центар за дијаспора“, кој ќе се реализира во 23 општини во државава.

-Центарот за дијаспора ќе има овластувања: да ја информира дијаспората за сите нивни права и обврски за време на престојот во матичната земја, да придонесе за создавање база на податоци за сите здруженија активни во дијаспората, со акцент на економската и научната дијаспора, да се иницира соработка на локални организации со организации од дијаспората за заеднички проекти и да го дистрибуира огласот за конкурсот на кабинетот на министерот надлежен за дијаспора за финансиска поддршка на здруженија од локалната дијаспора итн., истакна Чупи.

Градоначалникот Трајковски изрази задоволство од потпишувањето на Договорот, со кој и официјално Делчево станува дел од семејството општини, кои во рамките на Национална стратегија за соработка со дијаспората, ќе отвори Центар за иселеници во рамките на Општина Делчево.

-Водени од фактот што во нашиот крај има релативно голем број иселеници, сметавме дека отворањето на еден ваков Центар ќе им помогне на нашите иселеници посебно во делот на административните процедури и обврски. За таа цел, номиниравме административен службеник од редовите на вработените во Општината кој ќе биде линк меѓу институциите и иселениците. Воопшто, Центарот за иселеници ќе има посредничка улога и ќе овозможи пристап на нашите иселеници до потребните информации, во врска со сите нивни права и обврски за време на престојот во матичната земја и сл., рече Трајковски.

Во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација, Центрите како што беше кажано на средбата се осмислени да пружаат помош при постапките за поднесување на спорни документи и прашања од нашинците кои доаѓаат во татковината, како и асистирање на вработените во МИОА при пополнување на електронските услуги кои ги нуди ова министерство

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*