Делчевски средношколци презентираа ефикасно решение за справување со загадувањето на амбиенталниот воздух

Тим од средношколци од гимназијата „Методи Митевски – Брицо“, денес во Делчево ја презентираа наградената иновативна идеја „Електростатски филтер“, со која во рамки на UPSHIFT програмата учествуваа на неодамна одржаниот средношколскиот камп во Струга.

Повикот за учество во оваа програма како што беше посочено на денешната презентација се однесувал на социјални иновации, кои се базираат на решавање на потребите на средните училишта и локалната заедница во делот на климатските промени и заштита на животната средина. 

-Ние повикот за учество во оваа програма го видовме на социјалните мрежи, по што формиравме тим и решивме да се пријавиме. Првично не очекувавме повратен одговор дека ќе бидеме изберени, меѓутоа потоа не избраа нас, бевме меѓу тимовите кои бевме во Струга. Таму учествувавме на тридневен камп, ги покажавме своите идеи и добивме награда, рече средношколката Ива Ивановска која е дел од петчлениот тим од делчевската гимназија.

Својата иновативна идеја „Електростатски филтер“ учениците ја креирале околу 4 месеци, а за истата досега интерес покажале неколку установи во Делчево.

-За реализација на проектот добивме 4 месеци и досега е одлучено 5 филтри да бидат поставени на неколку објекти. Два електростатски филтри ќе бидат поставени во нашето училиште „Методи Митевски – Брицо“, еден на основното училиште ,,Св.Климент Охридски”, еден во градинката во Делчево и еден во Центарот за лица со попреченост, додаде Дамјан Маневски учесник во проектот.

Иновативната идеја, досега учениците, како што истакна Ева Ивановска, член на победничкиот тим ја претставиле пред еминентни лица од областа на науката, за што добиле огромна поддршка да продолжат со реализацијата на вакви и слични идеи. 

Според младата иноваторка производот е мошне практичен и доста лесно се користи.

-Електростатскиот филтер содржи ќунец кој содржи 6 цевки поврзани на краевите со метален обрач и служат за форрмирање електростатско поле, кое се формира со напонот, кој се пренесува од трансформаторот. Со електростатското поле сите штетни честички кои што излегуваат од чадот во вид на прашина се налепуваат на страната на ќунецот и со тоа е многу лесно за чистење, се вадат цевките и се чистата со помош на четка, истакна Ивановска.

Како учесник на кампот за средношколецот Горјан Малешевски, кампот бил одлична можност тие да го почувствуваат натпреварувачкиот дух и да разменат искуства околу нивните идеи за решавае на проблемите со загадувањето.

Средношколката Марија Магдалена Стоименовска додаде дека со активности за презентација на нивната идеја ќе продолжат до февруари, а истата ќе заврши со поставување на 10 направени филтри на повеќе установи во Делчево.

Општинскиот инспектор за животна средина Љупчо Симоновски ја поздрави идејата на младите иноватори која ќе влијае за да се намали загаденоста на воздухот.

-Баш ми е мило што учениците измислиле нешто за да се намали загадувањето, сите знаеме дека 90 проценти од загревањето на нашите домови е од дрва, но знаеме и дека се ставаат секакви материјали што испуштаат токсични материјали, а тоа е штетно за сите нас, рече Симоновски.

Додека работеле на прототипот, наградените ученици добиле поддршка од голем број професори, а како препорака за својот патент производ потенцираат дека најпрвин треба да се искористи од големите индустриски капацитети, на тој начин сметајки дека во голема мера ќе се влијае кон намалување на загадувањето на животната средина

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*