
Во рамки на проектот „Младински глас за локална акција“, викендов во Делчево се одржува дводневна работилница, за поттикнување и развивање на младинскиот активизам. Проектот го спроведува Регионалниот центар за застапување од Делчево, чиј координатор Родне Деолска истакна дека главна цел на работилниците е на младите да им ги прикаже начините како да се справат со предизвиците и како да ги искористат можностите кои локалната заедница ги нуди за развивањето на младинскиот активизам.
-На оваа работилница имаме присутни средношколци, студенти, младински работници, волонтери лица од граѓански организации кои работат со млади од нашиот регион. Ова што го правиме денес е истражување во нашата локална заедница, што е она што Делчево како град го нуди за младите, можностите за нивно волонтирање, ангажирање во други активности итн. Верувам дека ќе имаме добар одзив од страна на учесниците и исто се надевам дека и во текот на утрешниот ден ќе зборуваме за нешто поконкретно за тоа што оваа работилница сменила кај нив, рече Деолска.

Марио Вељковиќ кој ја има улогата на обучувач на дводневниот настан додаде дека волонтеризмот и младинскиот активизам се една од клучните форми за делување, преку кои младите започнуваат да се вклучуваат во општествените текови.
-На тој начин даваат реален придонес бидејки ги чувствуваат и сочувствуваат со сите убави и помалку убави работи во општеството. Од друга страна не може и никаде во светот не се очекува возрасните да го водат општеството, младите се значаен дел од тој процес. Е сега ние сакаме преку трансфер на одредени искуства, значи нешто што веќе некаде функционирало дало убави резултати, да споделиме такви примери и можности како младите да се вклучат, со цел да дојде до некоја позитивна промена во нашето општество, додаде Вељковиќ.

Во понатамошната фаза од проектот „Младински глас за локална акција“ снимени се неколку поткасти кои обработуваат теми кои ги засегаат младите во Делчево, по што ќе следува уште една работилница за јакнење на капацитетите, како и организирање младински камп, на кој покрај учењето младите ќе се запознаат и со убавините на Делчево.
Завршните резултати од проектот кој се имплементира со поддршка на Европската унија ќе бидат презентирани во јуни 2023 година.
Leave a Reply