
Во црквата Успение на Пресвета Богородица во Делчево се одржа црковна литургија по повод еден од најголемите христијански празници, Христовото раѓање – Божик. Пред присутните верници во својата проповед Отец Атанас Поповски потенцираше дека со празнувањето на Божик, човештвото преку овој спасоносен настан повторно стана заедница и едно семејство со Бога.
-Поздравувајки го Богораѓањето го празнуваме и заедништвото на човекот со Бога, оттаму Божик е и домашен празник, не случајно се вели ,,Пред Божик, за Божик каде и да си, дома да си”. Тоа значи заедно со своите најблиски да го чествуваме најблискиот на нашето семејство и на сето човештво. Семејството е благословена заедница од Адам и Ева, па до секој брат во минатото до денес дадениот благослов ,,Плодете се и множете се и наполнете ја земјата и господарете над неа” е благослов за сите, па и за нашата генерација, рече Поповски.

За жал како што додаде свештеникот, нацијата е без доволен подмладок, податоците велат дека не се запазени природните закони на рамномерност, кај нашиот народ има повеќе умирање од раѓање. Ако некогаш во минатото ,,црната чума” била најголемиот непријател, денес како што посочи Поповски тоа е ,,белата чума”, односно неизвршувањето на заповедта Божја и родителската должност – раѓањето деца.
-Затоа и на овој свет и спасоносен ден има порачуваме на сите млади брачни заедници ,,Дарувајте рожби, дарувајте радост за својот народ”, по едно, по две три рожби кои ќе значат надеж и иднина на нашиот народ. Децата се најголемото богатство што може да им се дарува на татковината и на Светата Црква, зошто тие се благослов и наследство на Господа, плодот е негов дар. Но не само тоа, туку семејството било и останува основа на секое општество, а преку благословот и Светата тајна станува мала црква. Оттаму и обврската родителите да се грижат за децата да ги чуваат и воспитуваат и од нив да создадат полезни членови на општеството и Црквата, а децата да бидат добри и да им благодарат и да ги благословуваат своите родители, подвлече Поповски.
Со зборовите Христос се роди, навистина се роди од делчевското свештенство на граѓаните им го честитаа празникот, а за верниците кои го практикуваа Божиќниот пост извршија причест.
Leave a Reply