Сурова – годишно прославување на Стара Нова година во делчевското село Ѕвегор

Сурова е годишно прославување на Стара Нова година, традиција која од памтивек се практикува во делчевското село Ѕвегор. Низ годините наназад за време на празникот Василица пречекувањето на Стара Нова година на 14 јануари се набљудувала од преку 3000 луѓе, обичај во кој учествувале две групи на маскирани лица. 

Детската група одела од куќа на куќа во предвечерието на Василица собирајки ореви, шарени бонбони и други разни подароци. Потоа доцна во ноќта постарите луѓе ја почнувале подготовката за Сурова, собирајки се на тивко место и пресоблекувајки се во маските кои претходно ги имаат одбрано. 

Има одредени улоги што постарите ги толкувале на оваа случка секоја година како невеста, младоженец, мечкар и мечка, поп, баба и дедо, белаци, мајмункар, данокчија и други. Некаде околу пет часот изутрина започнуваат да одат од куќа на куќа каде исто како и детската група добиваат подароци од населението. 

Во духот на традицијата како што вели Стефан Манасиев професор по историја, церемонијално со изработен предмет наречен ,,суроваска” ги удираат девојките по задниот дел од телото. Суроваската била посебна гранка украсена со босилок и црвен конец. Со практикување на чинот на удирањето ја зголемувале можноста девојките да се омажат во годината која следува.

-Добредојдовте во село Ѕвегор каде се прославува Сурова, Стара Нова година. Ние обично викаме Сурова, што значи Нова година и затоа мојот прв збор ќе биде Сурова – Среќна Нова година, на сите Ѕвегорци и на сите луѓе во светот. Акцент на настанот е ставен на веселбата, значи сите луѓе се веселат кој како може. За овој ден на секој му е опростено дури и да направи некоја глупост, што во обичен ден не може да ја направи. За Сурова тие се маскираат во традиционални маски, но и посовремени. Сепак сакаме тоа да биде на еден традиционален начин и притоа се користат маски, но и реквизити. Еден од реквизитите е боздоган или топуз, тоа не било само реквизит, туку и средство за одбрана, бидејки луѓето оделе и по 15 до 20 километри, а се користело најчесто ноќно време. Друг реквизит е суроваската која ја носеле децата и момчињата, во процепите кои се составе дел од суроваската се ставале пари, кога се каже ,,сурова” му се дава подарок на тој што ја носи суроваската, а исто така во духот на традиција и хуморот момчињата ги удирале девојките по ,,задникот”, се смета дека тоа се правело за да можат да се омажат, вели Манасиев.

За Ѕвегорска Сурова карактеристично е што секој година се избира кум кој ги организира Суроваскарите кои ќе учествуваат во обичајот.

-На кумот должност е да ги организира луѓето што сакаат да одат на Сурова, со сила нилој не се тера да оди, а и не се случувало да дојде некој, а да се каже ,,не може ти да одиш”, значи секој кој сака може да присуствува, должност на кумот е да организира доручек, место за престој, вечера, маски, да најде спонзори, се што треба околу самата Сурова. Пошто повеќе години сум учесник знам што да правам во таа насока, како да се однесуваат суроваскарите, како совет и за селаните од нашето село и за самите учесници. Карактеристично е што во нашата Сурова учествуваат лица само од нашето село, вели еден од најистакнатите учесници во обичајот во селото познат како Ване Бербер.

По целодневното одење од куќа на куќа, суроваскарите се собираат на главниот пат, низ Ѕвегор поминува меѓународниот пат кој води до граничниот премин со Република Бугарија, а секој оној кој ќе го запрат го црнат по лицето со јаглен. 

Она што е една од најважните карактеристики на Ѕвегорска Сурова е тоа што цело време се крие идентитетот на невестата, доколку нејзиното лице се открие, Ѕвегорската Сурова е неуспешна, но тоа досега не се случило.

-Околу посетата на домовите на граѓаните вообичаено е суроваскарите да бидат послужени со греана ракија и пача (пивтија). По завршувањето на Ѕвегорската Сурова, суроваскарите се упатуваат кон селскиот дом каде се служи вечера, а собраното од домоците на населението се дели меѓу учесниците. Тука се врши и размаскирање на сите маски вклучително и невестата, по што следува општо-народна веселба помеѓу учесниците и други гости кои ќе бидат меѓу присутните, додава Манасиев.

Повелете дојдете во село Ѕвегор и оваа година на 14 јануари 2023 година да го прославиме доаѓањето на Стара Нова година, заборавете на секојдневните обврски и опуштете се, чувствувајте се како активен член на суроваскарската дружина, се вели во годинешната покана од организаторите на Ѕвегорска Сурова до сите гости ,,намерници” кои ќе изразат желба да бидат дел од долговековната традиција, која според постарите се практикува уште од турско време.

Изјавите се од Емисијата за Звегорска Сурова снимена во 2010 година

За оваа година ова е најавата за активностите кои ќе се одвиваат за Сурова.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*