
По објавата за излегувањето од печат, монографијата ,,Драмче – споменик на времето” го побуди интересот кај читателската публика. До нас пристигнаа повеќе барања за тоа како може да се набави книгата од авторката Христина Деолска, особено од луѓе чии корени потекнуваат од околината на Драмче.
А што е важно да се знае за самата монографија:
Во монографијата „ДРАМЧЕ – споменик на времето“ низ текст и слики се опфатени природно-географски карактеристики, стопанство, образование, здравство, фолклор и традиција од неговото создавање, па до денес со посебен осврт на втората половина на минатиот век. Збогатена е со сеќавањата на личности кои живееле, учеле или работеле во селото. Рецензент на книгата е проф. д-р Александар Атанасовски. Предговорот е на писателот Миле Ѓорѓијоски.

ВОВЕД
…
Пред да почнам да работам нa оваа книга, мислев дека добро го познавам Драмче, знам сѐ за него, за неговото минато, особености, убавини…
Подоцна, со откривање на нови податоци за селото, почнав да сфаќам дека моето Драмче е една голема тајна, која не смее да остане таква, туку треба да се сподели со секој кој си ја сака традицијата, земјата. Тајните се непроценливо богатство, ама само кога од нив ќе се тргне превезот на таинственост.
Ова не е обична книга за едно село во Македонија. Оваа книга е остварување на неговиот сон, и сонот на мнозина како него кои катадневно го бележеле сѐ она што се случувало во селото, отргнувајќи од забот на времето многу информации напластени во сеќавањата на постарите.
Додека работев, чувствував дека преку татко ми, зборува неговиот татко, преку него, неговиот, и сѐ така стотици години наназад.
Истражувајќи ја литературата, архивите, музеите, полека богатствата излегуваа пред очи. Археолошките локалитети, неко-гашните соборишта, водениците што веќе одамна не мелат жито, но живи се во сеќавањата на татко ми и неговите соученици и ученици, и кои во оваа книга, верувам, ќе направат да живеат со векови.
Можеби еден ден и Драмче, за жал, како и многу други села ќе биде жртва на забот на времето и нашата негрижа кон историјата, културата, традицијата, нашите корени.
Но, ќе остане оваа книга, како аманет и сведоштво дека ние имаме свои корени, што се развивале со векови и кои секогаш ќе нѐ напојуваат со свежа и позитивна енергија.

….
Авторот
РЕЦЕНЗИЈА
На монографијата за с.Драмче од Христина Деолска од проф. Д-р Александар Атанасовски, редовен професор на Филозофски факултет-Скопје, Институт за историја.
Трудот претставува самостојна работа на авторот, конципиран по теркот за монографии за месности.
На почетокот е даден преглед на теориите за потеклото на името, за место-положбата на селото, создавањето на истото, типот на населбите (маалата). Потоа следат природно-географските карактеристики на селото, границите, топонимите во атарот на селото, рељефни карактеристики, почвата, климатските карактери-стики, хидрографија, флората и фауната.
По воведниот дел следува историскиот дел во кој што е обработена историјата на селото, со преглед на археолошките локалитети и артефакти, потоа е даден краток пресек на историските настани од антиката и средниот век, со посебен акцент на XIII и XIV век и за периодот на турското владеење од 1395 до 1912 година. Посебно место е посветено на настаните од Првата светска војна, периодот меѓу двете светски војни и Втората светска војна, со преглед на учес-ниците од селото во двете светски војни. Прилог е даден со список на борците од селото во двете војни.
Третиот дел се однесува на демографијата. Во него се обработени податоците и патните комуникации во минатото и сега, патарската служба. Следува преглед на традиционалното стопанство, список на даноците и производите според турските дефтери. Тука е обработена и селската архитектура, со опис на селското домаќинство, изгледот на куќите во првата половина на ХХ век, покуќнината, домашни ткаенини, дрводелство.Посебно место е одвоено за селскиот стопански двор (фурна, амбар,трло, плевна, гумно, кошара, кочина, кокошарник, сенарник, казаница). Тука се и стопанските објекти од колективно значење како што се воденица, варница, ќерамидница, и начинот на живот.
Делот за здравството опфаќа дел за народната медицина, современото здравство, пропратено со задругарството, развојот на локалната селска заедница и админи-страцијата.
Авторката одделила посебно место за просветителството. Во тој дел е даден преглед на историскиот развој на просветителската дејност, народни носии (женска, машка), пропратено со религијата и верските објекти, христијанството, со посебен осврт на црквата св.Арангел Михаил.
Историскиот преглед се завршува со етнографски белешки за селото. Тука спаѓаат фолклорното наседство, свадбените обичаи, традиција, селска слава, црковна слава, маалски слави, народни умотворби, инструменти, ора и песни, занает, исхрана, родови во с. Драмче.
Трудот се заокружува со сеќавањата на оние кои учеле или работеле во селското училиште.
Во целина земено ракописот ги исполнува условите да биде печатен како монографија на едно од најраспространетите села по површина во општина Делчево. Дава јасен преглед на историските извори и објаснувања и коментари за модерниот развој на селото. Објавувањето на трудот ќе придонесе за побудување на интересот за проучување на локалната историја и етнографија на повеќе селски и урбани населби во Македонија.
Имајќи го во предвид сето досега кажано, ракописот го препорачувам за печатење за да биде достапен за пошироката јавност.
Рецензент
Проф.Д-р. Александар Атанасовски
НА ЛИЦЕ МЕСТО
Селото Драмче е како „споменик на времето расфрлан по ридестиот терен на ограноците на Осоговските планини, во Пијанец.“ Споменик, врз кој низ вековите се вклесувале многу важни настани од историјата, културата, традицијата…
Ова не е само обична книга за Драмче. Ова е и учебник по историја, археологија, етнографија, географија…
Учебник од кој можете да научите сѐ за почвата, флората, фа-уната, хидрографијата, рељефот, археологијата, историските наста-ни, културната традиција, обичаите, начинот на живот…
Како човек кој, два – три пати во животот на кратко сум бил во Драмче, сигурен сум дека „на лице место“ ќе препознам на терен многу ридчиња, чуки, планински превои, археолошки нао-ѓалишта… Ќе го препознам дабот, односно Ѓурѓово Дабје, каде селаните со векови се собирале на селската слава, седнувајќи секогаш на своето место, пред својот „колак“. Таму сѐ уште одѕвонува ехото на тапаните и волшебниот звук на ќемането, небаре слушаш симфониски оркестар, а не само неколку рала тапани, во чиј ритам кршните игроорци од многу драмечки маала на чело со Дедо Митко ја раскажуваа приказната за „Копачката“. Со одмерени движења на нозете и телото раскажуваат за радоста, тагата и болката, своја, и на своите предци.
Затоа, Копачката не е само оро. Тоа е ризница од која блика богатата историја на овие краишта и низ движењата на телата на игроорците, посебно нивните лесни, вешти чекори, зборува за нашиот инает, за нашиот непокор. Заедно со ова оро, светско нематријално културно добро стана и Драмче, кое треба и мора да биде најголемото етно село во светот.
….
Доволно е човек само еднаш да ја прочита оваа книга, па да го препознае долот по кој Турците-арамии го престигнале и убиле попот-Попов дол. Малку подолу ќе ја забележи карпата што гордо, но и љубоморно ја чува судбината за убавата Калина, која не сакајќи да падне во рацете на Турците рипнала од неа, врежувајќи го своето име во неа, давајќи ѝ живот и од обична карпа направила Калин камен кој со векови ја раскажува приказната за непокорот на луѓето од овие питоми краишта.
Оној што ја прочитал оваа книга, треба само малку да ги затвори очите и таму на ридот кај едно трошно куќарче ќе ги види василичарите како го оставаат на сиромашните татко и син она што го собрале одејќи од куќа до куќа за време на Сурова.
….
Дури и оние што не знаат што е срп, ќе видат како по нивите вредните селани на Драмче рачно, со помош на овој, за денешни услови чуден алат по цел ден го собираат зрелото жолто злато, бри-шејќи си ја потта со потникот.
Ќе види како млади момчиња – сватови ги боднуваат своите коњи, натпреварувајќи се меѓу себе кој ќе земе муштулок од домаќинот за доаѓањето на невестата на „накитен“ коњ. По некое време започнува свадбата, се слуша силен продорен глас како кажува, кој гостин на свадбата што донесол, запоседнати луѓе пред „трпезата“ се спремаат за свадбената гозба. Ете, такви биле драмечките свадби низ вековите, но можат да бидат и денес, исто онака како што е галичката свадба.
….
Многу млади луѓе што ќе ја прочитаат оваа книга за прв пат ќе слушнат за трла, „објект во кој се чувале овците, а на средишниот дел не бил покриен и бил поставуван на кос терен за полесно да бега водата кога времето било врнежливо…“ Ќе се чудат и нема да веруваат, дека некогаш луѓето оделе на кладенци, ја топлеле водата во ператници и таму ја переле постелнината, дреите(алиштата)… Ќе научат што е вршник, како нивните вешти баби правеле подници, како сами си ја правеле облеката… И додека во некое кафуле пијат „Кока кола“ и јадат бургери, наместо да се срамат, ќе се гордеат со своите баби и дедовци, со своите корени распослани по падините на Драмче, длабоко вкоренети на секоја педа од просторот на селото.
….
Иако сум непоправлив оптимист, не верувам дека во учи-лиштето кое со последни сили му оддолева на забот на времето, пак некогаш ќе се слуша детски џагор. Како некогаш, кога во старите добри времиња имало и над 600 ученици, и голем дел од нив станале наставници, универзитетски професори, архитекти, лекари, градежници…
Но верувам, дека еден убав ден некој ќе го спаси ова училиште и ќе направи музеј во кој ќе се соберат сите оние во моментов расфрлани дневници, книги… Ова значајно училиште не само за историјата на Пијанец, туку и пошироко, бидејќи тука како наставен кадар дел од својот живот поминале учители од цела држава, а со дипломи, благодарение на таканаречените „вечерни школи“ се здобивале луѓе од цела Македонија. Во оваа училиште љубоморно се чува и дел од биографијата на нашиот познат сатиричар Живко Павлов, кој учителствувал во Драмче, па се надевам еден ден тука во некоја пригода ќе се се читаат и негови афоризми… Тука дел од животот поминал и познатиот „архитект“ на „Копачката“ Димитар Узунски…
….
Прочитајте ја оваа книга, ама внимателно, збор по збор, за да го почувствувате духот на вековите распослан по нејзините страници. А потоа, заедно со неа заминете во Драмче и направете некој чекор по стапките на ороводецот Дедо Митко, зачекорете по Виа Пауталија, Патот на куририте на Гоце, застанете покрај некој кладенец напијте се ладна вода низ која пулсира енергијата на вековите. Ѕирнете во содржината на дневниците расфрлани по трошните училници од училиштето. Погледнете кај плевните, амбари, трлата и куќите, можеби тој ваш поглед ќе ги спаси од судбината да бидат лесен плен на забот на времето.
….
Миле Ѓорѓијоски
Leave a Reply