За некогашниот живот во Делчево според сеќавањата на Ванчо Јангелов

Се викам Ванчо Јангелов роден сум од татко Коце на 10.10.1944 при крајот на војната. Потекнуваме од Трстија, дедо ми доаѓа  во Делчево порано, а покасно ги доведува и  двата сина , чичко ми Трајан кој е роден 1913 година, а татко ми 1916 година. Живеевме во старата куќа, имавме по една соба и позади во дворното место летни куќички. Другите соби од куќата се издаваа на војници, полицајци, како течеше трансформацијата така се менувааше и ќириџиите. Куќата е направена 1915 или 18 г. Бидејќи дедо ми Миленко е имал друга куќа позади таа куќа. Сега во куќата каде сме беше бифе на дедо ми Миленко, да ви кажам и тоа дека тука имаше порта голема и стоката ја вкаруваа тука позади во ,,јхр” турски израз, така го викаа имаше и коритце за зоб и после пазарот ќе дојдешеа пазарџиите ќе си ручаа, па ќе си земат стоката и ќе си идешеа сите по дома.

Пазарот е бил тука до читалната на средната улица, тука постоеја во тове период од ендекот на горе до мостот три реда на куќи. Тука од ендекот каде е сега хотелот живееше чичо Блажо тенекиџијата и чичо Иљо драмечки, а на пред беше слаткарата во која работешеа Мирјана и Кољо Пецев. Позади дедо Крсто и тука завршуваше тој дел. На другата уличка, па ќе почнеме од ендекот имаше продавничка на задругата до неа беше ординацијата на доктор Тренчев, до него Драго Сугарев со фамилијата, а од хотело на горе беше казаницата на мајсторчето, па после куќата. Со завршетокот на тој дел до хотело Београд до брего на Брегалница беше Циганската маала. Со тек на времето тука почна да се прави макадам патот оти требало да поминува автобусот и по некој камион, оти тука поминуваше патот за Кочани и према Берово во тој дел тука.

Во старата чаршија шо викаме живееја Чимевите до них беше хотело, а до него автобуска постоја, пишуваше на  жолти  фасада со црни букви ,,Автобуска постоја”, па имаше уличка за кај Чимевите да се флази, на таа уличка низводно беше куќата на Василенко Руснако, на приземјето имаше фурна на спратот тие живееја, а до таа куќа пак имаше уличка и куќа во која живееше Блаже Мишев и до него тетка Мара, вујко Гогата, вујко  Благојчо и Славе и нивниот брат посинен во Истевник. До нив погоре беа Турци. До самиот ендек, Семката имаше ковачилница. Тоа е во тој дел, а сега помеѓу Василенко и Мишев имаше уличка на горе првата куќа беше на Мара учителкта и брат и Ило, до него Митко Кусето. А до него дедо Гоќе Мечката. Во тој ред пред нив, према Чимевите имаше дедо Гоѓе Ечката – шивачка работилница. Меѓу неа имаше уличка таа што одеше меѓу автобуската и Василенко, мала уличка и се излегуваше на кај џамијата на кај дедо Мавре, Мавревите.

На реката Брегалница секоја фамилија си имаше така наречено пералиште. Секоја фамилија имаше ператник (котел) и во него ставаа од реката вода ќе ја згреат па ги ставаат алиштата да се перат. А на брего до водата имаше голем камен и на него ги ставаа чергите полеваат вода и со дрвена тојага пералка ги удараа чергите, па ги обрнат од другата страна и така ги переа. Кога ќе ги исперешеа таму покрај реката имаше многу врби и врзувашеа ортоми и сите черги ќе ги стават на ортомата да се сушат и си одат дома. Другиот ден кога се исушени секој идеше и си ги земеше. А алиштата сите ги сушешеа дома во дворот, не смеат на тераса или по прозорци.

Од ендекот на горе беа продавниците, над слаткарата беа Љанче и Ралупчето Методи, до них имаше друга продавница па после Методи, беше продавницата на после работилницата на чичо Иљо Слаткаро. Тука имаше улика, а према уличката од другата страна до тове ред згради имаше една пумпа, а до таа пумпа беше берберницата на Гоко Црнооко. Таа улица беше долга од ендекот, бидејќи тука беше само тоа мосте. Во средната улица едно време кога почна да се копа дојде и милиција да ја решат таа улица, зашо наводно имало подруми, што после се покажа точно најдоа сандаци со стакло, чизми, шишенца за лимонада со карамболчета внатре и ние како деца украднеме шишенцата, скршиме, извадиме карамболчето и си играме. Таа улица одеше се до горе до пред ресторанто „Београд“, последната улица беше на чичо Пешо и тука беше пазариштето, кога го преселија од кај читалната, а од десната страна на таа улица дека сега што одиме беше куќата на Котевите, и тука имаше една уличка на горе по ридо, а горе на ридо живееше чичо Иљо книжаро, после што се пресели во Скопје и чичо Мијалчо исто книжарот тој го замени чичо Иљо и над нив беше чичо Максим.

Кога сме кај овој дел кај хотело Београд, низводно сега ќе зборувам, до него имаше берберница на чичо Ванко Шлеката, а под него месарата на чичо Ванко, до них каштата на Перо Каљуша, Ванчо од Петрашевец кога почна да поправа телевизори прво тамо почна. Киро од Кочани беше мајстор таму, па го прима Ванчо чирак, а од таа страна беше последниот дуќан од таа улица на Ампо Љаљако, таму се продавааше потреби за домаќинството, зејтин, клинци, за градба нешта.

Што се односи до хигиената, бидејки беше макадам пато, сите дуќанџии се преварааше кој прв ќе исчисти. Постоеше некоја психоза кај минувачите што идешеа тука, кој дуќанџија е прв исчистил од кај него одеа да пазаруваат. И двете улици од ендекот до мостот и долната и таа улица тука се чистеа нешто неверојатно. Прашинка немаше, иако беше макадам патот. Постоеше некоја конкуренција за хигиената кај дуќанџиите. Населението царевоселско мораше да биде или чиновник или занаетчија, друго не.

Јас како дете во Монте Карло одев со мајка ми и татко ми, оти сите одеа фамилијарно, сите после корзото се префрлааше таму и ја викавме летна бавча. Таму имаше една ќебапчилница, и таму правешеа ќебапи, плескавици, кременадли, вешалици Санде Свирката. После кога видеа дека можат да ја користат само летно време, доградија еден дел да се користи и зимно време и пак да си одат таму. Кога беше само ќебапчилница, секој од дома си носеше прибор за јадење и салата дома подготвена, таму само се направеше трпеза и се купеше месо од ќебапчилницата.

Оркестарот на Делчево беа Елмас на кларинет, Демиршата на труба, на армоника Ацо Пурич, што туку беше почнал да свири и на бас Бајро. И сабота и недела обавезно се правеше игранка. Игранката траеше до 10 саато рано завршуваше и после секој си одеше дома.

Кога почна да има возила, не дозволувааше возилата да ода по долната улица од кај продавниците, туку по таа улица се одеше од кај Котевите оти тука беа претежно работилници и хотело на Илинд, Амишовото кафене и после доградија другите згради тука.

За новиот мост да ви каажам, тогаш уште беше директор МЦ, Методи Цветков, и кога го направија новиот мост, това е некаде 60-тите години, и ние како деца висиме на мостот, случајно помина еден камион и тука се најде и Методи и од тежината на камионот мостот почна да вибрира. И Методи, почна со пцовки, „каков  е тој мост вибрира од еден камион, а ако поминат повеќе камиони ќе се сруши, какви се тиа инжињери што го правеа“.

Со самото преселување на Турците од 1952 година, почна да се гради Ново Дечево, колку што јас се сеќавам, таму имаше неколку згради собранието, што викааше дека Железничка станица ќе има, сега каде што се наоѓа полицијата, тие две згради, ги граделе Бугарите, тука минеше и пругата, подоцна го направија пат, пругата која одеше до село Град. Тогаш се зборуваше дека во Град е почнато да се гради и тунел кој ќе води кон Благоевград. Колку е сета точно, не би знаел да ви кажам.

За наше време, фудбалското игралиште беше доле под гробиштата, на тие нивите таму, па после се премести на нашата нива пред полицијата. Прво беше Соколаната, после го изградија Културниот дом, таму пред, имаше влез за гардероба за глумците, тука имаше едно игралиште за ракомет, кошарка и одбојка. Еден кош беше само и си играхме со обична топка.

После кога се изгради Културниот дом, тука покрај нашата воденица на дедо ми Миленко, поминуваше јазот со вода и си продолжуваше доле до Студена чешма. Со таа вода се наводнуваа нивите. Тогаш имаше три јаза, едниот минуваше покрај нашата нива покрај милицијата, па доле кај Фротирката, тука некаде. Таа вода беше од Габровчица, и се наводнуваа тие ниви во тој дел. Дедо ми Миленко многу од далеку правеше бент, за да тече вода за водениците. После и трет јаз имаше тука зад Кожарата, како шо викаше Аџи Сабрија „елате да видите Комиж од хотел направи фафрика”. Тоа беше толку комично, сите се смееја на неговиот израз. Тој беше неписмен човек.

Околу претседателите на општината, се сеќавам на чичо Митко Кусето беше преседател, после него Сабри Мемишов беше извесно време, па после дојде чичо Коло Попов. После него сеќавам се Горѓи од Тработивиште, на учителката Аница маж и и тој живееше во Мајсторчевата куќа. По него беше Славе и тогаш се создадоа тие партии горен терен и долен терен.

Благодарение на Брицо се добија големи инвестиции, со кои требаше да се гради фабриката која требеше да се гради во Нада Димич, така сме барем слушале, но Брицо успеал да се гради во Делчево. Прв директор таму беше Игнат Дуото. Тој беше директор и на Фротирка, а беше и претседател на општината.

Се сеќавам на Брицо. Како дете тука имаше многу војници, тој во базенто, беше неверојатен пливач особено за нуркање. Тој влезе во базенот, па влезат сите војници да го тражат никој колку него не можеше да издржи под вода, и тоа се во долниот дел каде беше најдлабоко.

Брицо е еден од врвните политичари што ги имало Делчево и таков ќе остане. Не случајно името му се повторува и во образованието и тука и во Скопје и во Штип, и улици се викаат по него и др.

Милка Таќева убаво знам дека е во Белград на работа, како претставник од Македонија во Собранието таму. Не ме фаќајте за збор, така нешто. Таа живееше горе кај војните, на брегот таму до мостот што е сега, под касарната и до нив беше чичо Најдо куварот, а до него чичо Блаже и Мичо на бензинската пумпа што работеше. Тие беа сираци, мајка им е кочанка. А тетка Злата сестра и кога направи Чипе куќата, читалната ја пренесоа тука и тоа е првата читална која ја знаеме. А првата читална не беше читална туку занаетчискиот еснаф, се собираше, кондурџиска работилница, а претседател им беше Цонич.

Ванчо Коцев Ангелов е роден 10.10 1944 година во Царево село.

Текстот го пишуваше Биљана Петровска по сеќавања на Ванчо Јангелов, како дел од продолжението на серијалот ,,Животот на делчевчани”, авторско дело на проф.Љупчо Прачковски.

Во продолжение видеото од разговорот со Ванчо Јангелов:

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*