
Активностите од проектот „Да се реализира ветеното“ којшто е финансиран од ИФЕС, а имплементиран од невладината „КХАМ“ Делчево денеска беа презентирани во Делчево. Како што истакна Бети Толевска, извршен директор на НВО „КХАМ“, се презентираат резултатите од истражувањето направено во рамки на проектот што се однесува на невладините организации кои што гравитираат во Општина Делчево, како и нивната улога и како тие функционираат во законски рамки во услови определени од локалната самоуправа.
-Она кое што беше како активности од проектот, во делот на јакнење на капацитетите организиравме две средби со невладините организации. Имавме работилници на тема „Пристап до информации од јавен карактер“ каде што се обучуваа невладините организации како да ја користат оваа алатка, се со цел нашите институции да бидат потранспарентни и поотчетни. Втората обука се однесуваше на финансиите на локалната самоуправа и како се прават буџетите и она што ги интересира невладините организации – како се трошат општинските пари, рече Толевска.
Податоците од резултатите од проектот, како што додаде, се вметнати во публикација која исто така беше презентирана на денешниот настан.
-Целта на овој проект всушност е да ја контролираме програмата на градоначалникот со која аплицирал за да биде градоначалник, што е она што е реализирано во неговата програма и што е она што не е исполнето. Ние сме фокусирани на Стратегијата за соработка со невладините организации која ја мониторираме и која како програма во текот на оваа година треба да биде направена и изгласана од страна на Советот, додаде Толевска.

Според социологот Зоран Биковски истражувањето во рамки на проектот покажало дека граѓанскиот сектор има силно влијание во демократските процеси во општина Делчево. Додаде дека дури 97 проценти од испитаниците имале комуникација со граѓанскиот сектор и го препознаваат, при што директно учество во самите активности имале некаде околу 25 проценти.
-Согласно компаративната анализа што ја направивме многу поголемо учество од активностите на граѓанскиот сектор имале маргинализираните групи и Ромската заедница, затоа што имале директна потреба од сервисно ориентираните организации. Она што исто така е поволен тренд е тоа што се укажува дека дури 75 проценти од самите испитаници велат дека граѓанските организации служат на својата мисија и дека нивното учество е и тоа како важно за функционирање на градот. Над 95 проценти од граѓаните сметаат дека Граѓанските организации треба да бидат поддржани од локалните самоуправи и исто така од локалните власти, додаде Биковски.
Сето ова, според него, укажува дека многу е важна улогата на граѓанскиот сектор, пред се во сервисно ориентираните активности, без разлика дали се работи за услугите кои ги пружаат граѓанските организации, во детектирање на одредени приоритети на локалното население, потенцирајќи дека според мислењето и перцепцијата на граѓаните, проблемите поврзани со здравото живеење, животна средина се посочени како најбитни проблеми.
-Дури 70 проценти од граѓаните кажале дека тоа е вистинскиот приоритет. Околу 23 до 25 проценти сметаат дека младинските политики треба да бидат многу повеќе застапени и граѓанските организации да им дадат поддршка на овие трендови. Останатите 4 до 5 проценти се однесуваат на хуманитарни активности и се разбира тоа се потребите на најранливото население, додаде Биковски.

Главниот заклучок според делчевскиот социолог е дека граѓанскиот сектор е многу важен за да врши притисок, за да можат пред се политичките партии и оние лица кои што се кандидираат и претендираат да дојдат на власт, партиципативно да ги изградат своите програми и нивните ветувања да се реализираат.
-Ние како што рече и колешката Бети во моментот го мониторираме ветувањето изградба на Стратегија за соработка со граѓанскиот сектор 2022-2025. За среќа направивме одреден притисок и веќе се гледа дека е распишан повик за финансирање на граѓанските организации, меѓутоа ние и понатаму ќе притискаме заедно со останатите 14, 15, граѓански организации на локално ниво да се продолжи тие да бидат вклучени во креирањето на самата Стратегија да имаат чисти правила и критериуми за начинот на доделување на средства да се зголеми транспарентноста и отчетноста на самата општина, додаде Биковски.
На крај од денешниот настан граѓанските организации се договорија да ја достават публикацијата до делчевскиот градоначалник и да биде повикан на заедничка средба со граѓанските организации за да се договори методологијата за изработка на веќе споменатата Стратегија.

Активностите „Да се реализира ветеното“ се дел од проектот „Поддршка на изборни реформи“ на Владата на Швајцарија, имплементиран од Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС). Искажаните ставови, мислења и содржини во оваа публикација не мора да ги отсликуваат ставовите на донаторот, проектот или имплементаторот.
Leave a Reply