
Во рамки на проектот ,,Младински глас за локална акција” кој го спроведува Регионалниот центар за застапување, викендов во Делчево се одржува обука за млади лица волонтери, младински работници и лица кои што работат со млади на младински проекти.
Темата на денешната обука како што истакна координаторот на проектот Родне Деолска е ,,Кариерно насочување за посигурна иднина”.
-Идејата на обуката е да им се дадат насоки на младите лица кои што се пред период на избор на нова професионална определба или пак се на возраст кога треба да ја градат својата професионална кариера. Нашиот обучувач Марио Вељковиќ помеѓу викендов преку сесиите со младите работеше на практични вежби, со цел младите да си ги утврдат нивните вештини и да пробаат барем некаде да се пронајдат во некоја професија. Со тоа на некој начин сакаме да им помогнеме во изборот на правилна професија која ќе им носи поголема сигурност, рече Деолска.

Ова како што додаде координаторката е втора обука која што се организира во рамки на овој проект.
-Претходната обука беше насочена кон развивање на младинскиот активизам, што е и самиот фокус на овој проект. Младите тогаш учеа како да бидат корисни за нивната локална заедница и како да се вклучат во активности со цел да помогнат на локалниот развој, меѓутоа пред се да се надоградуваат и тие самите како млади лица. Освен овие две обуки, ова лето ќе организираме младински камп, а претходно снимивме два поткасти кои што јавноста имаше можност да ги види, додаде Деолска
Во рамки на проектот спроведено е поголемо истражување за утврдување на нивото на Младински активизам, чија анализа по завршувањето од истражувањето ќе биде презентирана пред јавноста.
Проектот го спроведува РЦЗ во период од една година. Проектот е финансиран од Европската Унија преку Коалицијата на младински организации СЕГА.
Leave a Reply