
Делчевското село Разловци иако е едно од најпознатите востанички села во Источна Македонија поради Разловечкото востание, е село кое како и во повеќето села се соочува со низа проблеми кои ги мачат жителите. Еден од најизразените како што велат е влошената патна инфраструктура, што најмногу може да се забележи пред самиот влез во селото. Патот е преполн со дупки, а на места е многу тешко да се помине со автомобил. Жителите не се надеваат на помош, бидејки како што велат во изминатите 30 и повеќе години не се нашол таков кој ќе го реконструира, барем на најоштетените места.
-Патот е „гробишта“ и сами сигурно сте се увериле доаѓајки наваму дека е преполн со дупки. Ние жителите сме на план сами да се организираме и да го цементираме со помош на една наша фирма. Ама кога ќе дојдат за избори да им порачаме на политичарите да не ни се појавуваат пред очи, вели Ванчо, помлад жител на селото.

Постарите жители пак велат дека кога ним најмногу им требало патот го немало, возеле по црн пат и велат дека барање за негово рехабилитирање треба да бараат оние на кои им е потребен.
-Јас долги години бев таксист и возев по стар, црн пат и не сум се бунел. На тие на кои им е потребен нека бараат, па дај Боже да го направат, вели дедо Стојан од Разловци.

За потребата од подновена патна ифраструктура укажува фактот што во село Разловци функционира основното училиште, како и текстилна кофекција која е спас од невработеноста за голем број вработени како од Разловци, така и од околните места.
-Патот е нула, си дошол си видел, километар и пол до два е потребно итно да се реконструира. Сите ветуваат, но на никој не веруваме, а ако сакаат километар до два пат може да се направи. Во Разловци ако досега биле 900 сега се 400 луѓе. Овде функционира текстилна конфекција, имаме работнички нешто од Раловци нешто од другите места, таа го одржува селото. Самиот превозник кога ги носи работниците си ја оштетува колата, ученици има овде, потребно е да се направи патот, додава друг жител на Разловци.

Кога е во прашање патната инфраструтура жителите велат дека постои уште еден проблем, а тоа е поврзувањето со беровското село Митрашинци. Жителите од двете села иако се многу близу, за да се видат едни со други мораат да поминуваат по заобиколен пат кој е тројно подолг од релацијата од петнаесетина километри. Иако одамна е на агендата на политичарите, сепак и ова го сметаат како празно ветување. За овој патен правец наведуваат интересна случка која пред неколку години ја имал англиски камионџија, кој сакајки да стигне во Митрашинци заглавил во Разловци, патот иако на гугл мапата фигурирал, сепак во реалноста таков пат по кој можат да поминуваат тешки товарни возила не постои.
-Овој пат до Митрашинци се води како функционален на Меѓународна карта, но од село Разловци излез нагоре нема, освен црн пат. Шофер од Англија пред некоја година се ориентирал според картата, доаѓа до Разловци, но не може да продолжи накај Митрашинци бидејки таков пат на карта го има, ама во реалноста не постои, потенцира Ванчо Цинцовски жител на селото.

За можностите за реконструкција на патниот правец од Тработивиште кон Разловци побаравме одговор од надлежните од Македонија Пат, од каде раководителот на делчевската подружница Влатко Цоневски не информираше дека деновиве во план е крпење на ударните дупки на најоштетените места, а за наредната година патот е влезен во програмата на Јавното претпијатие за државни патишта под чија надлежност е самиот пат.
-За оваа година редвидено е еден мал дел да се реконструира и крпење на ударни дупки кога има потреба, како и чистење на одроните, додека за следната година предвидена е целосна реконструкција на споменатиот патен правец, рече Цоневски додавајки дека во текот на денешниот ден заедно со претставик на ЈП за Државни патишта ќе извршат скенирање на најкритичните делници од овој пат.
Претходно Општина Делчево преку проект на Министерството за транспорт и врски го рехабилитираше стариот пат до село Тработивиште кој потоа води кон село Разловци, со што Разловчани добија половично подобра патна инфраструктура.
Leave a Reply