По 6 месеци решен проблемот со домувањето за семејството Салиеви од Делчево

Самохраниот родител Зекимерем Салиев од Делчево ги доби клучевите од новиот стан, откако пред 6 месеци како самохран родител реши да прозбори за проблемите со домувањето, како едно од неговите најтешки животни прашања со кои беше соочен по смртта на неговата сопруга.

Очекувајки позитивно решение за добивањето стан за него и неговите 4 деца, тој со радост деновиве ја дочека добрата вест, заблагодарувајки се за поддршката која ја имаше од делчевската невладина организација ,,КХАМ” во текот на целиот процес.

-Како што знаете мојата сопруга ,,Бог да ја прости” почина минатата година, по што останав со моите 4 дечиња. Едното дете учи во Штип, едното ми е деветто, машкото ми е 4-то одделение, а најмалечкото оди во 3-то одделение. Децата како и секој човек си имаат потреба од свој простор и среќен сум што добив стан и не сме по улиците за што со децата сме благодарни до КХАМ, вели Салиев.

Следниот чекор кој го очекува е решавање на неговиот статус со вработувањето.

-Сега треба да се сместам, од Црвен крст имам најава дека ќе ми помогнат да се опреми кујната. За вработување разговарав со градоначалникот и директорот, за да почнам со работа во Јавното комунално претпријатие ,,Брегалница”, бидејки со една социјална помош не бива, има сметки за струја, вода, други давачки. Уште еднаш благодарност до КХАМ кои многу ми помогнаа и помагаат на секој, со што можат, додаде Салиев.

За Зоран Биковски од Невладината организација ,,КХАМ” добивањето на станот е само еден сегмент од неговата успешна приказна. За целосно да биде успешна, како што додава потребно е и вклучување на локалната самоуправа која според него треба да му помогне на делчевскиот самохран родител за неговото вработување преку Оперативниот план од Агенцијата за вработување и мерките за вработување.

-Првиот чекор е успешен, по настанатата трагедија утврдивме дека семејството е во сериозен ризик и од социјален и од аспект на домување. Најпрвин помогнавме да ја комплетира целосната документација со изводи венчаници умреници и сите други потребни документи. Се комплетираше барањето, се прати до Комисијата во Владата одговорно за станбени прашања и станбено необезбедени лица, а потоа успеавме, лобиравме, застапувавме и еве Зекимерем дојде до стан. Сега е потребно да му се помогне на овој човек да дојде до вработување, тука секако ќе помогне и КХАМ, кој претходно помогна  и со нотарски услуги кои се прилично скапи, потенцира Биковски.

Очекува поддршка од Советот за социјална заштита, од кој дел е и делчевската невладина организација и кој според Биковски е еден од најуспешните во Македонија.

-Не само КХАМ, туку сите членки пред се Црвениот крст Делчево даваат сериозен придонес. Преку ПХВ проект и дечињата кои што учествуваат во тој проект, најпрвин ќе се опреми една просторија за ова семејство. Ние како КХАМ ќе овозможиме основни елементи да се сместат, меѓутоа потребна е поддршка од целолупното граѓанство да се донира, да му помогнеме барем за првата станарина и за огрев, за шпорет итн, додаде Биковски.

Информираше дека во Делчево повеќе од 20 семејства имаат аплицирано за стан како станбено необезбедени лица и лица  социјален ризик, што според него алудира на фактот дека Општина Делчево во соработка со Министерството за транспорт и врски треба да размислува за изнаоѓање локација за изградба на социјална зграда, каде овие лица ќе бидат сместени.

-Втората варијанта е заедно со Граѓанскиот сектор да се бара помош и донација, некоја стара зграда или било каква зграда која не се користи за некоја намена, а Општината може да ја преземе, да се реновира да се адаптира и на тој начин да обезбедиме повеќе успешни приказни и повеќе инклузивни приказни, во кои граѓаните ќе бидат задоволни, подвлече претставникот на делчевската Невладина организација.

Изрази благодарност до сите институции и на локално и државно ниво кои помогнале во случајот на Салиеви да се дојде до решение и потенцираше дека НВО  ,,КХАМ” ќе продолжи со поддршка на самохраниот родител во изнаоѓањето можности за негово вработување, со што ќе биде позитивен пример за решавање на проблемите од ваков тип.

За да го погледнете видеото кликнете на фотографијата подолу:

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*