
Со традиционалниот Велигденски концерт, синоќа во Пехчево одбележани 75 години постоење на Културно-уметничкото друштво ,,Јане Сандански. Пред преполната сала во Домот на култура на концертот учествуваа над 100 играорци од Пехчево, како и гости од градот Делчево.
-Континуирано во последните години, за време на Велигденските празници, Домот на културата организира ваков вид на програма и полека, но сигурно можеме да кажеме дека овој настан прераснува во една убава традиција во нашето мало гратче. Сепак, оваа година посебно ни е чест затоа што Културно-уметничко друштво Јане Сандански” го прославува својот 75 јубилеј и да им посакаме уште долги години да опстојуваат, уште многу јубилеи да прославуваат и секако да бидат најдобри, истакна Валентина Веселинска, директор на пехчевскиот Дом на култура.

Културно-уметничкото друштво во овој момент брои 130 членови и како што додаде директорката тенденцијата е таа бројка да расте.

-Имаме членови од 7 до 77 години кои се главни промотори на традицијата и фолклорот, но и учесници на повеќе манифестации кои се организираат во Пехчево. Изразувам благодарност до сите учесници, кои со ора и песни го прославија 75 годишниот јубилеј на КУД,, Јане Сандански”, а меѓу нив беа и гостите од КУД ,,Гоце Делчев” од Делчево. Благодарност и до водителката Лина Велковска, музичкиот соработник Александар Парасков, и кореографот Никола Каракашов, додаде Веселинска.
Од Домот на култура најавија дека Културно-уметничкото друштво ќе продолжи со своите настапи, како во домашни така и во Меѓународни рамки.

Leave a Reply