
Пред точно 120 години, на владимирската планина Готен, потврдено се одвива најголемата битка помеѓу неколку комитски чети и Аскерот пред Илинденското востание. Помеѓу народот битката е позната како „Готенската битка“, „Крвавиот велигден“ или „Готенско муарабе“.
По решението во Солун да се крене востание, Турската империја ги засилува активностите за уништување на комитските чети и собирањето на оружјето. На првиот ден од Велигден, кога комитите сместени по владимирските колиби на Готен биле опколени од аскер. Јузбашиите ги повикале да се предадат, но двете чети под команда на Мазнејков и Дечев, ја почнале дводневната борба.
Кога го слушнале пукотот на Готен, повеќе комитски чети се вклучуваат во борбите, удирајќи му во грбот на непријателот. Карактеристично е тоа што во ворбите се вкулучува и една врховистичка чета, иако само пред неколку дена имала судир со централистите.
На аскерот му пристигнуваат нови сили од Пехчево, Владимирово, Радовиш и Струмица, кои ги опколиле опколувачите, но во борбите без никаква команда и координација (немале сретства за комуникација) се вклучуваат нови и нови комитски чети кои биле по околните планини. Така да во вториот ден на Велигден се створува необична борбена слика. Околу врвот на Готен се ствараат седум огнени кругови – ред комити ред аскер.

По дводневни тешки борби, под закрила на маглата и темнината опколените чети се извлекуваат. Билансот на убиените и ранетите бил невообичаено голем, посебно на страната на аскерот. Од строј биле исфрлени – убиени и ранети над 250 аскерски војници. На страната на комитите погинале околу 40 комити.
За страшната битка народот од Малеш посветил и оро со зурли и тапани познато како „Готенското муарабе“ кое што се игра и ден денес.
Во продолжение и поетска творба, посветена на Битката и објавена во книгата „Готенското муарабе“.
ГОТЕН 1903
Во историјата
ретко видена борбена слика
На Готен комитски непокор блика
Битка
во преданијата раскажувана
во песни и ора опејана.
Борба како никоја друга
на Готен седум огнени круга
кругови од аскер
под команда доведен
но опколен од народ поробен
На обрачот – аскерски
друг обрач – комитски
од браќа со друга идеја
игнорирана во ова епопеја
Врховистички комити
на помош пристигаат
аскер во грб напаѓаат.
Братот треба да се штити
Макар, кнезот да се лути
На Готен седум круга пеколни
Над Македонија, нови два трагични
Осми круг – Софија, Атина и Белград
А деветти – Москва, Виена, Парис…
На Готен победи Македонија
Но европските моќни
на маса ја распарчија
Европа, со правдата добро не стои
На маса нелогични граници крои
За Македонија – национална трагедија
За Европа
само „благородничка“ комедија.
Автор, Јован Мазгански

Leave a Reply