
Одобрени нови 1,5 милиони швајцарски франци за финализирање на проекотот „Подобрување на водоснабдувањето на Делчево“. Одлуката за проширување на буџетот на проектот ја донесе СЕКО-Берн Швајцарија, со што комплетно ќе се финализира проектот и ќе се изградат планираните инфраструктурни проекти.
Оваа вест како што информираа од Општината денеска лично на градоначалникот Трајковски ја соопштија високи претставници од СЕКО-Берн за време на работната средба која се одржа во Делчево.
-Одобрувањето на средствата беше на барање на Управниот одбор на Проектот со цел изградба на нов резервоар на месноста Чука во Делчево, изградба на други објекти и корпоративен развој на ЈКП „Брегалница“ и по потврденото партиципативно учество и на Министерството за животна средина и просторно планирање за изградба на нов водоснабдителен систем во с. Вирче, информираа од Општината .
Градоначалникот Трајковски упатувајки благодарност за поддршката на Швајцарската Влада и на СЕКО посочи дека со реализацијата на овој проект Делчево добива современ водоснабдителен систем и се решава основниот проблем за граѓаните-пристап до чиста вода за пиење за Делчево и три населени места, Ѕвегор, Габрово и Вирче.
Со дополнителните средства од 1, 5 милиони швајцарски франци, освен другите планирани инфраструктурни проекти со кои се заокружува процесот и се овозможува чиста вода за пиење, конечно како што подвлече Трајковски градот Делчево ќе добие и нов резервоар за вода на месноста Чука.

-Стариот резервоар е изграден пред повеќе од 60 години во период, кога се градел тогаш водоводниот систем во Делчево. Новиот резервоар за вода ќе се гради со нови материјали и технологии со што ќе се влијае на квалитетот и ќе се минимизираат загубите на вода, а конктолата на целата мрежа ќе биде електронска. Воедно, со средствата од Министерството за животна средина и просторно планирање се решава и проблемот со водоснабдувањето и на с. Вирче и негово приклучување на градскиот сиситем, потенцираше Трајковски.

Даниел Брудер, заменик-раководител на СЕКО на денешната средба посочи дека е задоволен од текот на реализацијата на проектот, од ангажманот на Локалната самоуправа и дополни дека целта на проектот не е само да се изгради инфраструктура туку и да се овозможи негово одржливо користење.
Претставниците на СЕКО воедно извршија и увид во текот на работите за изградба на пречистителната станица за вода во с. Тработивиште и изградбата на фотоволтаичната централа за потребите на станицата. Со новото проширување на буџетот, Проектот „Подобрување на водоснабдувањето на Делчево“ носи инвестиција од над 9 милиони швајцарски франци и е најголема инвестиција во историјата на Делчево.

Leave a Reply