
Во Македонска Каменица одбележани 22 години од загинувањето на бранителот Миле Јаневски – Џингар. Централниот настан со полагање цвеќе пред неговата биста се одржа во дворот на Средното општинско училиште кое го носи неговото име, каде беше подготвена пригодна програма. Директорката на училиштето Данче Донева Гоцевска оддавајки им почит на роднините на Јаневски истакна дека денес е посебен ден за училиштето бидејки му се оддава почит на херојот чиј лик и дело ќе живее вечно.
-Ова е ден кога секоја година се потсетуваме на ликот и делото на нашиот херој Миле Јаневски Џингар. На 28 април Миле Јаневски заедно што уште седум припадници на Армијата од единицата Волци загина кај Вејце. Денес сме тука да му оддадеме почит на Миле и на сите бранители но и на нивните најблиски затоа што тагата треба да се сподели и да чекориме заедно, рече Донева Гоцевска.
Каменичкиот градоначалник Димчо Атнасовски обраќајки се на настанот додаде дека каменичани и роднините на херојот имаат зошто да бидат горди, затоа што имаа храбар човек, сосед ипријател како што е Јаневски.
-Храброста е одлика на мал број на луѓе за мене тој беше еден од нив, рече Атанасовски додавајки дека е горд што училиштето го носи неговото име, а неговиот лик и дело ќе останат запаметени и за идните генерации.
Средното општинско училиште воедно денес одбележа 13 години од постоењето на училиштето како самостојно средно општинско училиште Миле Јаневски Џингар.
-Нашето училиште континуирано бележи успеси од самите почетоци на сите полиња и активно учествуваме во различни активности натпреври и проекти. Задоволството е големо кога си раководител на училиште во кое постои одлична клима и работа за учење. Постигнатите успеси се заеднички на сите професори родители и ученици кои како едно семејство даваат придонес во посигнувањето на резултатите, додаде директорката Донева Гоцевска.
Приликата ја искористи да најави дека покрај образовниот профил од дуално образование машински техничар, во 2023/24 гимназијата отвора нова дуална паралелка од текстилно-кожарската струка со профилот техничар за изработка на облека, заблагодарувајки се на каменичката Модна конфекција Матеја за отворената соработка и обезбедните услови за учење во компанијата од страна на учениците.
Во чест на херојот, а по повод патрониот празник на каменичката гимназија во соработка со КИЦ „Романса“ и Општина Македонска каменица беше организиран ликовен и литературен конкурс на тема „Чекориме кон патеките на мирот“. Наградите на учесниците во овие конкурси им беа доделени во рамки на денешната свеченост.
Leave a Reply