
Регионот на Пијанец има големи ресурси за одржлив развој на регионот, тврди експертот по рударство Марин Александров од Делчево кој е еден од најпознатите луѓе во неговата област, кој со своето знаење учествувал во голем број проекти за развој на рударството во Македонија преку откривање на нови наоѓалишта. Има постигнато значајни резултати во истражувањата на рудник Саса, а ги водел и истражните постапки за проектот Иловица – Казандол – Кожуф. Неговата биографија е поврзана со Делчево, каде завршува основно образование и потоа продолжува да го усовршува своето знаење.

-Роден сум на 30.06.1945 година во Панчарево, тогаш Општина Берово. Образованието го имам започнато таму. Првата учителка ми беше Цвета Манова од Пехчево и Љубинка исто така од Пехчево која ден денес е жива и живее во Делчево. Осмогодишното училиште завршив во Тработивиште, додека гимназија првите две години учев во Берово, а трета и четврта година во Делчево. Во тоа време наставниот кадар од сите области не беше на бог знае какво ниво и сите професори и учители ми биле почетници. Меѓутоа, тоа воопшто не ми било хендикеп во животот да можам тоа да го надокнадам и да се гордеам со дел од моите професори и учители, вели Александров.

По завршувањето на Средното образование се запишува на Белградскиот Универзитет на Факултетот за Рударство и Геологија, оддел геологија. Факултетот го завршува во 1970 година и се вработува во Рудник Саса.

-После почетните мои работења во Саса, успевам да постигнам значајни резултати во истражувањата на Саса која во тоа време не беше толку позната како што е сега. После неколку години се запишувам на постдипломски студии во Белград кои исто така ги завршувам, а во 1977 година сум избран за професор. Меѓутоа јас никогаш не сум бил во редовен работен однос и покрај тоа што ги имам добиено сите важни универзитетски звања од доцент, вонреден и редовен професор. Докторирам на Рударско-Геолошки факултет во Штип, но со ментор од Белградскиот Универзитет Слободан Јанковиќ и првиот македонски геолог Костадин Богоевски. Предавања на Рударско-Геолошкиот факултет држам до 2005 година, меѓутоа и понатаму работам во Рудниците Саса. Од 1982 до 1986 година сум делегат во Собранието на Република Македонија во Собор на здружен труд, додава за својата биографија Александров.

Во меѓувреме делчевскиот експерт работи на повеќе други проекти преку Геолошкиот Завод и со инженерите од Геолошкиот Завод на откривање на нови наоѓалишта. Ги има откриено наоѓалиштата на јаглен во Пијанечкиот крај, односно наоѓалиштето Ѕвегор – Стамер и наоѓалиштето Истевник – Панчарево, како и наоѓалиштето во Ратево познато и под Брик Берово.
-Првите откритија на јаглен во ова подрачје се направени уште далечната 1974 година, меѓутоа од најразлични причини истражувањата одеа многу тешко и многу споро, но ресурсите кои ги поседува ова подрачје се значајни. После 2000-та година почнувам да работам со странски компании како консултант, престанувам да работам во САСА. Сум работел за фирми од повеќе од 20 држави, за некои 64 до 66 фирми. Значајно од тој временски период е што во Македонија под мое раководство се направени захвати кои никој пред тоа не ги правел, тоа се таканаречени проспекциски истражувања на поширокото подрачје. Потоа тоа го работевме и за една турска компанија, овие првичните ги работевме за американска компанија, вели делчевскиот рударски експерт.

Како мошне значаен проект во оваа област го напомeнувa проектот Иловица – Казандол – Кожуф кој е негово дело преку водење на сите истражни постапки со помош и на луѓе од странство кои ги финансирале тие проекти.

-Во Македонија најзначаен потенцијал на минерална суровина е рудникот Иловица кој е неспоредлив со ништо друго освен со првично кога е откриен РЕК Битола, немам лична претстава што е позначајно. Сепак Иловица останува многу значајна, ама модерните времиња без знаење и без обзир за лични интереси, направија сериозни кампањи финансирани од Европски држави да се рушат проектите во Македонија, да Македонија остане економски слаба и да бидеме понизни слуги на Европа, додава Александров.

За регионот на Источна Македонија, односно поконкретно регионот на Пијанец (Општина Делчево) потенцира дека располага со огромни ресурси на јаглен.

-Може да се каже дека има не помалку од 100 милиони тони. РЕК Битола кога е откриен и првите верификации на резерви се направени на 116 милиони така да тоа е толку многу значајно што не треба да се става во никакви спорни моменти. Меѓутоа новите технологии треба да си одиграат и нови улоги. Исто така природно печените глини кои на времето Гранит им даде одредено значење исто така се многу значаен ресурс. Глините во целото делчевско подрачје се исто така значајни. Шлунакот (песокот) на Брегалница кој е златоносен од Делчево до Разловци и од Разловци до Мачево претставува исто така многу значаен потенцијал, а како еден од мошне значајните потенцијали се топлите води како и варовниците како градежен материјал, потенцира делчевскиот магистер д-р.

За да се направи било каков бенефит според него потребно е да се изготват сериозни проекти кои и финансиски треба да бидат исплатливи. Особено ова го напоменува за топлите води кои во историско време се појавувале во селата Бигла, Вирче, Град, Тработивиште, Разловци и Панчарево, а уште во Малешевијата помеѓу Чифлик и Смојмирово.
-Исто така Сината Вода, Куманица или Бањиште над село Габрово е интересна прибидејки од тој извор се направени банеолошки испитувања на Институтот за банеологија во Белград некаде 1985 година и резултатите се особено позитивни. Меѓутоа бидејки не може да се ползува вода која е под 20 степени, 19,3 степени стална температура на вода како изворна површина неопходно е бушење наменско за топли води. Нашите комшии Бугарите во најблизо подрачје по границата тоа го имаат направено кај Невестино. Таму имаат бушено по 700 метри бушотини, кои имаат температури на водите по 50 степени што е сосема сериозна температура, додава Александров.

Најзначајната и највредна минерална суровина според него е златото за кое индицира дека е присутно од месноста Желевица кај селото Тработивиште до селото Моштица. Индикации за таквите минерали има во сите потоци долж ова подрачје, а во алабионот на Брегалница можат да се откријат и минерали на Волфрам, како еден од позначајните метали за сегашната индустрија со широк спектар на примена.

За правилно да се искористат минералните суровини кои се интересни и тешки за работа додава дека е тешко бидејки многу малку луѓе ја познаваат таа област, а се повеќе и повеќе се прави во таа насока опструкција од разно разни еколози. Според Александров можеме целата држава да ја направиме ливада и ќе имаме добра екологија, меѓутоа народот од нешто треба да живее. Заради тоа дециден е дека за правилно исползување на самите суровини неопходен е одржлив развој со екологија.

Источна Македонија во повеќе погледи посочува дека е интересно подрачје за истражување. Овде ги напоменува вулканските центри, во Градечко и Паланечко, потоа на Осоговските планини околу Царев Врв, Црвено Брдо и рудниците Саса – Тораница. Во Пијанец и Малеш како најзначајни остатоци од вулкани ги напоменува местата околу селата Вртиславци, Киселица и Ѕвегор, Буковик кај Пехчево, беровското село Двориште, како и Малешевските планини и Огражден, со вулкански центар на Огражден. Тука го споменува и вулканскиот центар Иловица за кој е врзано најголемото наоѓалиште на бакар и злато во Македонија.

Делчево како подрачје посочи дека има извонредно добра географска положба низ која во минатото поминувале разно разни восјки и освојувачи кои поминувале оттука и во градот Пијанец од тоа време кој се наоѓал кај стопанскиот капацитет Рудине.
-Значи сите овие големци, владетели цареви, кралеви и султани сакале да останат нивните имиња забележани, но и да се паметат. Делчево претставувало место кое според нивно мислење би било значајно нивното име на долг временски период да се задржи. Па така местото го носело името Василево во чест на Василије II, потоа Султанот (Султанија) Цар Душан, кое дале налог градот да го носи нивното име. Исто така ова подрачје е значајно што по долината на река Брегалница која била населена со Пеони, нивните кралеви и цареви ги крунисувале во водите на Брегалница. Исто така другата значајна работа за мене е постоењето во близина на ова подрачје на територијата на град Делчево и градот Равен за кој има две верзии за можни локации каде се наоѓал. Едната е месноста ,,Рамото” во село Тработивиште и втората која е поверојатна Горно Поле во Разловци. И едната и другата локација е поврзана со Светата Вода кај што е извршено и покрстувањето на христијаните во ова подрачје, па и пошироко. Да седиштето на Методи било во Равен Град а при него престојувал и Кирил односно Константин Филозоф.

Околу потеклото на името на областа Пијанец вели дека не е во него домен на работата за да прецизира, иако претпоставува дека можеби е поврзано со самото име на Пеонците со одредени трансформации. Другата претпоставка според Александров е познатата легенда дека во житото во ова подрачје растела билката Пијавец и луѓето кога јаделе од лебот ги опивало. И третата варијанта е дека луѓето во ова подрачје биле пијаници што според него нема основа.
Она што му оставило впечаток од средношколските денови бил брзиот развој на Делчево, но после осамостојувањето иако се надевал дека вредниот, трудољубив и способен народ ќе направи нов исчекор за уште понатамошен развој, се појавиле некои нови ,,дечки” кои со алчноста ја уништиле иднината на младите генерации, така што според него Делчево нема нешто со што би можел некој да се гордее.

-Од оние на кои би можеле да бидеме горди ќе ги напоменам професорот на Природно математилки факултет Стојменов Станоја кој е од првата генерација и кој остави во значајни траги во науката преку проучување на физика на цврсто тело и новите материјали. Тоа е за секаква почит. Понатаму Игњат Донев беше долги години директор на Техничко-сообраќајното училиште во Скопје кој даде еден посебен белег на тоа училиште во однос на сите други средни училишта, така да и тој е еден од луѓето со кој човек треба да се гордееме и да го испочитуваме. Исто така тука е глумецот Мето Јовановски кој има завршено во Софија и има Светско значење во својата област. Има добиено бројни и бројни награди и признанија на домашни и меѓународни фестивали, последна таква награда доби во Измир за животно дело, подвлече Александров.

Кога би требало да направи ретроспектива на учењето некогаш и сега вели дека разликата е што сегашните генерации сакаат се да постигнат многу брзо. Иако младите имаат достапни информации на гугл, јутјуб и други платформи посочи дека сето тоа не е доволно бидејки информации од таму можат да се добијат, но знаење не. Знаењето според Александров која е автор на голем број авторски трудови, мора да се стекне преку книга, преку истражување и макотрпна работа. Со дел до својата генерација се уште ги одржува контактите, а на заедничките средби најчесто евоцираат спомени за тогашното време.
Податоците со кои располага Александров ќе бидат дел и од подготовката на вториот дел од книгата ,,Животот на Делчевчани” која ја подготвува делчевскиот професор Љупчо Прачковски.
Leave a Reply