
Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Делчево присуствуваше на отворањето на новиот современ Градски пазар. На свеченоста на која присуствуваа и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски и градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски, премиерот изрази задоволство што е дел од отворањето на новиот Градски пазар, нешто што општината го добива за прв пат.
Во својата изјава по тој повод Ковачевски истакна дека Владата силно и посветено работи на рамномерен регионален развој во државата, потенцирајки дека развиени општини значат силна и развиена економија.
-Овој проект не само што е важен за граѓаните, туку со него се гради и нов урбан изглед на градот. Можам слободно да кажам дека Делчево го има најубавиот пазар во цела држава. Новиот пазар има отворен и затворен простор, со сите потребни критериуми за соодветно чување и продававање на храната и на земјоделските производи. Тоа значи подобри услови како за земјоделските производители и продавачи, така и за купувачите. Проектот е реализиран по теркот на големите градови. И продажбата ќе се одвива во современи услови, како што доликува на еден град, а и на држава, којашто цели кон европски стандарди на живот, рече Ковачевски.
Во рамките на Градскиот пазар ќе работат 18 дуќани и 192 продажни пунктови, целата инвестиција е 732 илјади евра од кои 50 проценти се средства од Буџетот на Република Северна Македонија, реализирани преку Министерство за земјоделство и Агенција за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој и преку Центарот за развој на Источно- планскиот регион. Останатите 50 проценти се од буџетот на општината, која што според Ковачевски покажува што значи да се работи домаќински и што значи да се работи за потребите на граѓаните.
Ковачевски потенцираше дека, преку Центарот за развој на Источниот плански регион, во периодот од 2019 до денес, се реализирани 45 проекти финансирани од државниот буџет, од министерствата, ИПА фондовите и поддршка од амбасадите како и останати организации, вклучително и градовите во источниот плански регион во вкупна вредност од 6,5 милиони евра.
-Ова е пример што значи придобивка за граѓаните што значи да имаат европски ориентирана Влада. Ние сме посветени да обезбедиме европски квалитет на живот дома и задржување на младите во нашата родна земја, додаде Ковачевски.

Честитајки му на градоначалникот на Делчево за реализацијата на овој проект, на советот на општината за поддршката од надлежните институции, порача дека Владата ќе продолжи со силно темпо да учествува во изградбата на Европска Северна Македонија се до полноправно членство на државата до 2030-та година.
-Ние се сеќаваме на една претходна Влада која што ја предводеше ВМРО-ДПМНЕ која ги заборави сите градови во државата и едниствено каде што се трошеа пари беше еден километар квадратен во центарот на Скопје каде се трошеа огромни милиони евра за статуи, споменици, жални врби, палми и што уште не. И нема да дозволиме антиевропските субјекти да ги закочат европските перспективи на граѓаните, за свои цели, а луѓето да чекаат во 21-от век да добијат елементарна услуга како што е Градски пазар, заврши Ковачевски.
Почетокот на работата на новиот градски пазар во Делчево симболично го означија градоначалникот Горан Трајковски и редовната продавачка на производи на градскиот пазар, Весна Милчевска, со што објектот се предава на користење на пазарџиите, за да го развиваат својот бизнис и да придонесат за развој на локалната економија.
Делчево е релативно мала општина, таа се стреми, како во големите градови да создава услови кои ќе донесат развој на локалниот бизнис, потенцираше градоначалникот Трајковски и додаде дека современиот градски пазар гради нов имиџ на градот, воведува нови стандарди и ќе овозможи Делчево да го има приматот во пограничниот регион во меѓуграничната размена на стоки и услуги.
-Верувајте, нема поубав ден за еден градоначалник, од денот кога ќе се заврши и ќе се стави во функција еден капитален проект, како што е сега, новиот градски пазар, ветуван со децении. Ова е објект кој ќе остане да сведочи за генерации и генерации граѓани и е уште еден доказ дека, кога се работи посветено, одговорно и домаќински, нема што не може да се направи за своите граѓани. Делчево успеа и овој пат, да се издигне над проблемите и во интерес на граѓаните да го добие овој капитален објект. Градскиот пазар е реалност и за граѓаните и за пазарџиите од Делчево и регионот, па со задоволство денес им го предаваме, за да го користат, да го развиваат својот бизнис и да бидат горди што се дел од новaта приказна на Делчево, истакна Трајковски.
Изградбата на овој пазар ќе го направи Делчево, како погранично место, економски центар, не само за градот, туку и регионот, потенцираше министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и додаде дека МЗШВ преку Програмата за рурален развој поддржува проекти кои се насочени конкретно кон развој на општините, развој на руралните средини, проекти кои го подобруваат животот на граѓаните.

-И токму овде во Општина Делчево преку Програмата за рурален развој, покрај изградбата на градскиот пазар, за периодот од 2017 до 2022 година, сме поддржале проекти во вредност од 44,7 милиони денари. Преку мерките, 112, 113 и 115 на МЗШВ, за Далчево како земјоделска општина, сме дале поддршка на дваесет апликации за поддршка на млади земјоделци со грант од 10.000 и 20.000 евра и поддршка за активен женски член во земјоделско домаќинство со грант од 3.000 евра, рече Николовски.
Пред пуштањето во употребана современиот градски пазар претставниците на Владата го посетија пазарот и разговараа и со продавачите и со купувачите за условите, но и за значењето на овој капитален економски објект за Делчево и Источно-планскиот регион. Со одлука на Советот, новиот градски пазар е даден на трајно користење на ЈКП „Брегалница“.
Leave a Reply