Ученици од Делчево на противпожарен камп во Словенија

Осум ученици од основните училишта од Делчево заедно со градоначалникот, Горан Трајковски и претставници од Територијалната противпожарна единица присуствуваат на 20 интернационален противпожарен камп во Општина Чрномељ, Р. Словенија. На кампот учествуваат 190 деца поделени на водови, а за секој вод е определен по еден ментор.

Учениците низ детски игри, дружење, показни вежби со пожарникарите, се запознаваат со работата на пожарникарите, учат како се користи опремата и што значи да се биде пожарникар.

Целта на овој традиционален камп кој се одржува во Чрномељ, е да се мотивираат младите да се приклучат кон доброволните противпожарни друштва. 

Градоначалникот Горан Трајковски истакна дека учеството на ученици од Делчево на овој камп е резултат на добрата соработка на двете општини, Делчево и Чрномељ, а во своето обраќање на отворањето на кампот, истакна дека соработката меѓу двете општини која започна минатата година со донации на две возила и опрема за делчевските пожарникари, испишува нови страници.

-Оваа соработка отвора перспективи и ги мотивира младите да ја засакаат оваа хумана професија. Очекувам дека ќе можеме ова практика на Општина Чрномељ за организирање младински противпожарен камп да ја примениме и во Делчево, бидејќи размената на искуства, основните познавање  за оваа професија кои се стекнуваат на ваков начин е во насока за мотивација на младите да ја засакаат и да ја разберат професијата пожарникар, рече Трајковски. 

Градоначалникот на Делчево за време на престојот во Словенија ги посети и македонските војници кои работат на санација на штетите во поплавените подрачја при што имаше и средба со  командатот на војската, капетан Зоран Сумрачки. Воедно, беше и дистрибуирана помошта која изминативе денови беше собирана од ученици од Делчево за помош на настраданите од полавите во Делчево.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*