
За прв пат од изградбата на локалниот пат за делчевското село Стамер се работи на комплетна и темелна реконструкција. Градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски кој денес изврши увид на работите, истакна дека реконструкцијата на овој локален пат ќе ja подобри сообраќајната комуникација со селото, ќе ја подобри безбедноста во сообраќајот и ќе влијае на подобрување на условите за живот на граѓаните.
-Реконструкцијата на локалниот пат за с. Стамер е наш одговор на барањата на жителите од селото. Патот беше доста оштетен и во многу лоша состојба и со оваа реконструкција создаваме услови за безбеден сообраќај и современ пристап до селото. Наша цел е значително да ја подобриме состојбата со патната инфраструктура во Општина Делчево, рече Трајковски.


Со реконструкцијата на овој патен правец како што додаде ќе се овозможи безбедна сообраќајна комуникација која ќе одговори на потребите на граѓаните.
-Реконструкцијата опфаќа вкупна должина на локалниот пат од 1,3 км, односно од клучката од регионалниот пат Делчево-Берово до влезот на селото, а предвидената ширина на патот е од 3,5 м со банкини. Средствата за реконструкција на локалниот пат за село Стамер се обезбедени преку МТВ во износ од 5,1 милиони денари со вклучен ДДВ. Градежните работи ги изведува Стоименов ДООЕЛ Кочани, додаде Трајковски.
Општината како што додаде ќе продолжи да работи по приоритети и во оваа прилика ја најави и реконструкцијата на локалниот пат за с. Разловци со вкупна вредност од 50 милиони денари, средства од ЈПДП. Градежните работи кои треба да започнат наскоро ќе ги изведува ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта.

Leave a Reply