Почна санацијата на Спомен Дом АСНОМ

Започнаа градежните работи за реконструкција и санација на спомен-домот АСНОМ во Делчево. Во моментов како што информираа од Општината се работи на поставување звучна изолација и изградба на санитарни чворови, а согласно со проектот, предвидена е и  рехабилитација на постоечкиот под на фоајето.

-Во рамки на градежните работи опфаќаат реконструкција на постоечкиот плафон, нова електрична инсталација и ново осветлување, замена на внатрешните врати, замена на подот на сцената, изградба на помошни простории до сцената со намена за гардероби и просторија за реквизити и машинска просторија за греењето, информираа од Општината.

За лицата со посебни потреби како што додадоа планирана е изградба на пристапна рампа, со што за прв пат ќе се овозможи соодветен пристап за овие лица во салата.

Градоначалникот Трајковски кој направи увид во текот на работите посочи дека од изградбата на домот за прв пат се прави посериозна реконструкција и адаптација на салата, со што  Делчево ќе добие сала за одржување настани од областа на културата со сите современи услови кои ги бара културата во 21 век, што според него директно ќе влијае и на збогатување на понудата за љубителите на уметноста.  

Досега во малата сала се одржува сите свечености и културни настани во Делчево, но таа максимално се користи и за подготовка и проби на секциите при НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ и Фолклорната група при НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“, Пејачката група „Ѓурѓа“, КУД „Гоце Делчев“ Делчево, како и за проби и настапи на ФГ „Копачка“ од с. Драмче и други здруженија кои работат во областа на културата.  

Вкупната вредност на работите е 10,5 милиони денари, од нив преку Програмата за користење капитални дотации до единиците на локалната самоуправа од областа на културата за 2023 г. преку Министерството за култура се обезбедени средства во висина од 9,6 милиони денари. Општина Делчево учествува со парични средства во износ од 817.353,00 денари обезбедени од Буџетот на Општина Делчево за 2023 година.  

Градежните работи кои ги изведува ПАНЕЛ-М Мехаз ДООЕЛ Тетово треба да завршат до крајот на ноември оваа година, а претходно со средства од Општина Делчево беше извршена санација на кровот на спомен-домот АСНОМ.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*