Во Берово кај месноста Широки Дол одбележана 79 годишнината од формирањето на 51-та НО Дивизија

Во Берово кај месноста Широки Дол одбележана 79 годишнината од Формирањето на 51-та НО Дивизија. Во рамки на настанот кој се организираше во соработка со здружението Владимирски Илинденски Средби, свежо цвеќе положија претставници на Организацијата на резервни офицери од Берово и Пехчево, претставници на институции од Општина Берово, здруженија на граѓани и други.

-Педесет и прва македонска дивизија на НОВЈ формирана е на 19 октомври 1944 година во селото Широк Дол кај Берово. При основањето, во нејзиниот состав влегле Првата, Дваесеттата, Дваесет и првата македонска и Артилериската бригада на 51-та дивизија на Народноослободителната војска на Југославија. Во нејзиниот состав тогаш имало вкупно 2.476 борци и офицери. Подоцна, бројот пораснал на 6.689 борци и офицери, беше истакнато во пригодниот говор пред присутните. 

Оваа дивизија учествувала во завршните операции за ослободување на Македонија, во текот на октомври и ноември 1944 година.

-По ослободувањето на Струмица и Радовиш, распоредена е на југословенската граница од Гевгелија до тромеѓето на границата со Бугарија. Преименувана е во декември 1944 година, кога го добила формацискиот број „Педесетта“, на место на укинатата истоимена дивизија. Командантот на дивизијата, Кирил Михајловски, бил прогласен за народен херој на Југославија, беше потенцирано во самиот говор во рамки на настанот.

Во рамки на одбележувањето на 79 годишнината од формирањето на 51-та НО Дивизија беше организиран и заеднички ручек за присутните кои со теренски возила допатуваа кај месноста Широки Дол.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*