Прва форумска сесија од Буџетскиот форум во Делчево

Денеска се одржа првата форумска сесија од предвидените три сесии за креирање на Буџетот на Општина Делчево за 2024 год, на која активно учествуваа претставници од месните и урбаните заедници, од граѓанскиот сектор и институции. Целта на организацијата на форумот е одредување на приоритетните проекти за реализација за наредната година детектирани од граѓаните, а Општина Делчево почитувајќи го гласот и мислењето на граѓаните и анализирајќи ги предложените приоритети ќе ги предвиди за реализација. 

Градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, кој го отвори Форумот истакна дека буџетскиот форум е одлична алатка за дефинирање на приоритетите и креирање на Буџетот на една општина и за него како градоначалник, е многу важно партнерството меѓу граѓаните и Општината и граѓанското учество во сите сфери од живеењето. 

-Сведоци сте дека во изминатите години изградивме многу капитални проекти и решивме децениски проблеми со што одговоривме на вашите приоритети: изградивме капела, пешачки мост, современ градски пазар, почнавме со изградбата на новата детска градинка во населба Расадник; во полн ек е изградбата на пречистителна станица за вода за пиење, изградбата на водоводи во селата Ѕвегор и Габрово, рече Трајковски напоменувајки дека при крај е реконструкцијата на водоводната мрежа и замена на старата дотраена азбестна инсталација со нова пвц-инсталација со што се решава проблемот со квалитетот на водата за пиење и честите дефекти на водоводната мрежа.

Паралелно напомена дека се градат и реконструираме улици, како во градот така и во селските средини.

-За прв пат се асфалтираше стариот пат Делчево-Тработивиште; реконструкција на локалниот пат за с. Стамер; се реконструираше регионалниот пат за с. Разловци-одбран, како наш приоритет и по наше барање до ЈПДП, посочи Трајковски. 

Тој потенцираше дека наредниот период и во рамките на големиот проект за Подобрување на водоснабдувањето на Делчево со обезбедените нови 1,9 мил. швајцарски франци од Швајцарската Конфедерација и Мин. за животна средина, ќе го реконструираме резервоарот за вода во месноста Чука, а ќе се изгради водовод во с. Вирче кој ќе биде приклучен на системот на Лошана. 

Во овие 2 години од вториот мандат на Трајковски во Делчево се инвестираат над 420 милиони денари, средства наменети за развој на Општината. Во рамките на процесот беа презентирани актуелните и планираните проекти на Општина Делчево, како и предлог-рамката на Буџетот за 2024 година. 

На трите форумски сесии учесниците ќе работат во тематски групи. Буџетските форуми се во организација на Регионалниот центар за застапување и Општина Делчево.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*