Со предавање на теми за унапредување на безбедноста на пешаците со посебен акцент на децата, започна реализацијата на годинешната Кампања „Се движиме безбедно“ на подрачјето на Општина Делчево. Целта на денешните активности е запознавање со правилата и прописите за одговорно учество во сообраќајот на децата како пешаци, важни за нивната возраст, како што е: поминување на пешачки премин, поминување на улица, каде нема обележан пешачки премин, а беше реализирано и нагледно предавање на улица, каде беа разработувани практични примери.
Активностите се во организација на Општина Делчево и Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Делчево, а во соработка со Основните училишта „Ванчо Прке“, „Св.Климент Охридски“, СОУ „Методи Митевски- Брицо“, Детската градинка „Весели Цветови“, Дневниот центар за лица со посебни потреби, Полициската станица од општа надлежност Делчево, Регионалниот центар за гранични работи – Исток и други заинтересирани лица.
Кампањата „Се движиме безбедно“ е дел од превентивните активности предвидени во Годишната програма за работа на ОСБСП Делчево и Акцискиот план на Стратегијата за безбедност на патиштата Делчево, а има за цел да ја унапреди безбедноста на пешаците со акцент на децата како пешаци во сообраќајот.
Безбедноста на децата во сообраќајот е дефинирана како највисок приоритет на локално и нацонално ниво имајќи го предвид фактот дека тие припаѓаат во групата ранливи учесници во сообраќајот за кои е потребно да бидат унапредени условите за нивно безбедно движење по улиците и патиштата, но и да се зголемат нивните знаења за сообраќајната инфраструктура, сообраќајната сигнализација и правилата и прописите преку кои би се самозаштитиле како учесници во сообраќајот.
Согласно Анализата на податоците за сообраќајни незгоди на подрачјето на Општина Делчево кои се случиле во периодот 2020-2021 година работена за потребите на Стратегијата за безбедност на патиштата и Акцискиот план за Општина Делчево 2023-2027, е евидентно дека скоро половина од вкупниот број лица здобиени со лесна телесна повреда се деца и млади од 15 до 24 години, односно 47,3% што е доволен показател за преземање мерки и активности преку кои би се унапредила нивната безбедност во сообраќајот.
Кампањата опфаќа повеќе активнсти кои имаат за цел преку едукација и контрола да се влијае на подигнување на јавната свест за одговорно учество во сообраќајот.
СЕ АПЕЛИРА ДО ВОЗАЧИТЕ НА ДЕЛОТ ОД ПАТОТ ИЛИ УЛИЦАТА КАДЕ СЕ ДВИЖАТ ДЕЦА ИЛИ СЕ ПОСТАВЕНИ СООБРАЌАЈНИ ЗНАЦИ ЗА УЧЕСТВО НА ДЕЦА ВО СООБРАЌАЈОТ, ДА ВОЗАТ СО ОСОБЕНА ПРЕТПАЗЛИВОСТ И ПРИЛАГОДЕНА БРЗИНА ЗА ЗАПИРАЊЕ НА ВОЗИЛАТОТО ВО СЛУЧАЈ НА ПОТРЕБА!
Leave a Reply