
Александар Стоичовски, маратонец по потекло од Делчево оствари уште еден од своите предизвици, а тоа е да учествува на маратонот во Њујорк.
Држејки го во раце македонското знаме, неговиот настап беше овековечен од Македонците кои живеат во Америка, за што неколку медиуми ја објавија веста.

На маратонот во Њукорк победи атлетичарот од Етиопија Тамират Тола. До победата стигна со време од два часа, четири минути и 58 секунди, што е и нов рекорд на трката, објавија медиумите.

Втор низ целта мина Кениецот Алберт Корира, додека Етиопјанинот Шур Китете го освои третото место.

Во женската трка, Кенијката Хелен Обири победи пред Етиопјанката Летесенбет Гидеи.

Во продолжение нешто повеќе за маратонецот по потекло од Делчево.
Александар Сашо Стоичовски е делчевчанец кој повеќе од 20 години живее во Скопје, а во последните околу 9 години целосно е посветен на атлетиката. Почетоците во овој спорт му се од 2014 година, a една од трките на кои за прв пат учествувал е трката во Делчево организирана под мотото ,,Делчево трча за здрав живот”. Трката се одржа во 2015 година и на некој начин е отскочна даска на Сашо во маратонското трчање, што потоа чекор по чекор резултира со негово учество на познати светски маратони. На почетокот започнал со кратки дистанци, бидејки трчањето за него било само рекреација.

-Со трчање започнав во 2014 година, со наполнети 40 години, сосема случајно, некако изгледаше како наједноставен начин за рекреација, без било каква дополнителна организација. До тогаш незнаев ништо за трчањето, не познавав некој што трча, а не знаев ни каде се трча, па трчав по тротоарите во близина на мојата зграда. Тоа беа дистанци од околу 2 километри, кои многу тешко ги совладував, бидејќи како и секој почетник имав проблем со дишењето и воспаление на мускулите, вели Стоичовски.
Првичната идеја му била само рекреативно да се занимава со трчање, најпрвин се пријавил за учество на Скопскиот маратон во 2015 кој не се одржал, за да потоа се пријави на трката низ градските улици во Делчево.
-После извесен период открив дека најдобро место за трчање во Скопје е кејот на Вардар, каде од тогаш па до денес сум скоро секојдневно присутен. Кога почнав со трчањето идејата не ми беше да учествувам на трки туку само рекреативно да се занимавам со овој спорт. После една година рекреативно трчање, првата пријавена трка беше во 2015 год., Скопски маратон – 5км која што поради тогашните немили настани во Куманово не се одржа. Еден месец подоцна се случи прва трка на која учествував – трката во Делчево, која што беше едно убаво искуство. На оваа трка учествував и следните две години, и искрено се надевам дека овој убав настан ќе продолжи и во иднина. Во септември истата година следуваше одложената трка на 5км од Скопски маратон. Веќе следната година предизвик беше да се истрча Полумаратон (21,1км) кој што беше совладан во Мај 2015 – Скопски Маратон, како и Октомври 2016 – Софиски Маратон, раскажува Стоичовски.
Приказната за атлетските предизвици на Стоичовски продолжила со предизвикот да се истрча најтешката дисциплина за што му бил потребен временски период за подготовки.
-После истрчани илјадници километри, некако сам по себе се појави предизвикот да се истрча маратон – најтешката дисциплина во атлетиката, да истрчаш 42,2 км без застанување. Подготвителниот период за маратон трае 4-5 месеци, со скоро секојдневно трчање, рано на сабајле, попладне или навечер зависно од периодот во годината, илјадници истрчани километри, воспаленија на мускули и повреди, но сето тоа се заборава со поминувањето на целта. Е, кога ќе ја поминеш целта, веднаш почнуваш да правиш планови за следен маратон, појаснува Стоичовски.
Љубовта кон трчањето потоа ја споил со желбата за патување, по што следувале и учествата на маратони во светски познати градови. Доживеал неповторливо искуство за кое со воодушевување раскажува.
-Освен на трките во Делчево, Скопје и останатите градови во Македонија имам учествувано и на маратони во Софија, Белград, Будимпешта, Истанбул, Солун, Барселона и на најстариот и најпрестижен светски маратон во Бостон. За време на маратонот главните улици во метрополите се затворени и уживаш во најдобрата тура за разгледување на градот. На пример во Истанбул тоа е единствена можност да трчаш на Мостот на Босфор и со трчање да поминеш од Азија во Европа, во Будимпешта целата патека е покрај Дунав, од Хопкинтон до Бостон се трча низ 8 населени места, и долж патеката од 42км нема ниту педа без пубилка која ги поздравува маратонците со овации…, раскажува Стоичовски.

Љубовта кон атлетиката која му се јавила по 40-тата година од животот се пресликала и кај неговите ќерки.
ЗМоите ќерки Ева и Неда со нетрпение ја очекуваа трката во Делчево и учествуваа на сите 3 трки, Неда две години освојуваше и подиум во нејзината категорија, а потоа продолжија со тренинзи и натпревари во Скопје, додава Сашо.
При неговата последна посета на родниот град Стоичовски го забележавме низ градските улици како не запира со трчање.
Денешниот динамичен начин на живот, не остава многу слободно време за активности надвор од домот и работата, но тоа според Стоичовски не смее да биде оправдување за физичката неактивност. Според него доволно е еден час во денот да се излезе надвор, да се пропешачи, потрча, испланинари или да се повози велосипед. Токму затоа упати порака до помладите кои имаат желба да спортуваат, да пробаат да се пронајдат во трчањето.-Пораката не само за помладите туку и за постарите е да почнат за се занимаваат со овој спорт, за трчањето не се потребни некои специјални услови доволни се само патики, желба и истрајност.








Leave a Reply