Центарот за култура ,,Н.Ј.Вапцаров” успешно го реализираше проектот ,,Набавка на народни носии”

Националната установа Центар за култура ,,Никола Јонков Вапцаров” од Делчево се здоби со нови народни носии за потребите на Фолклорната група ,,Вапцаров” која работи во состав на установата. Соработникот за фолклор и сценско-уметничка дејност при установата Кристијан Трајановски, информираше дека активноста за набавка на нови носии се реализира преку проект на Министерството за култура.

-По добивањето на финансиските средства од проектот ,,Набавка на народни носии” аплициран во Министерство за култура, денеска истиот целосно е реализиран. Имено сите добиени средства по овој проект се искористени за набавка на Кичевска народна носија, истите ги изработи Даниел Филипов.
Огромна благодарност до нив, носиите се навистина квалитетно изработени и ветуваме дека често ќе бидат користени, рече Трајановски.

Новите носии како што додаде се сочинети од неколку елементи, кои ќе го освежат изгледот на сцената на делчевските играорци.

-Носиите се составени од елек, кошула, скутина, шамија, колан за половина и марама за колан. Истите ќе ни послужат за настапи на фолклорната група во земјава и странство, додаде Трајановски.

Претходно установата успешно го реализираше проектот „Да промовираме култура” активност која се реализираше во соработка со граѓанството, а која опфаќаше собирање ракотворби, фути, шамии, тријади, волнени чорапи како и рачно изработени ткаенини.

Од Центарот за култура најавија дека и понатаму ќе работат на зачувување на традиционалните вредности преку реализација на вакви проекти и во иднина.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*