Одбележани две години од смртта на Димитар Узунски

Со положување цвеќе на гробот на Димитар Узунски во с.Тработивиште реализиран третиот дел од одбележување на Јубилеј 75 години постоење на ФГ КОПАЧКА с. Драмче, Делчево

Во продолжение ви го пренесуваме говорот на Перса Стојановска, претседател на ЗФГ ,,Копачка” с.Драмче, Делчево посветен на Пијанечкиот Цепенков.

………………………………………………………………

Драги почитувачи на ликот и делото на народниот уметник Димитар Узунски, почитувани членови на ФГ КОПАЧКА с. Драмче Делчево, мила Ирена!
Не случајно сме овде крај вечниот дом на Димитар Узунски, нашиот претседател на ФГ КОПАЧКА с. Драмче, Делчево, која над 50 години успешно ја раководеше и ги редеше успесите низ годините.

Овде сме во време кога ние носителите на драмческата „Копачка“ го одбележуваме својот 75 годишен Јубилеј на постоење на Групата, од формирањето во 1948 година. Воедно го прославуваме и Јубилејот на 20 години од донесувањето на Конвенцијата за заштита, афирмација и промоција на нематеријалното културно наследство на УНЕСКО.

Делата на Димитар Узунски ќе останат со векови да говорат за неговата посветеност и пожртвуваност во зачувувањето на фолклорните добра. Токму по негова најголема заслуга драмческиот елемент орото „Копачка“, пред 9 години го достигна своето највисоко можно врвно остварување со впишувањето во УНЕСКО, во Репрезентативната листа за нематеријални културни наследства на човештвото.

Со својот незапирлив ôд кон истражувањето, прибирањето, запишувањето, снимањето, промовирањето, негувањето на пијанечкиот фолклор, важеше за Живата легенда на Пијанец. Токму таа документација беше темелот, со кој се започна и се реализираше впишувањето на орото „Копачката“ во УНЕСКО.

Кога го предаваше тој материјал на експертите кои ја подготвија и ја бранеа апликацијата во УНЕСКО им рече „Ви ги давам срцето и душата“. Затоа што фолклорот пред сè и над сè, беше ноговата пасија, беше неговиот живот. Испеа и сними над 40 песни за МРТ. Сними и емитуваше над 400 емисии за Радио Делчево со наслов „Од фолклорното богатство на пијанечкото поднебје“.

Беше долгогодишен надворешен соработник на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“. Неговите ракописи од собирачката дејност со неговиот прекрасен краснопис, сè уште се необјавени и тетратките само ги красат витрините во неговата Спомен соба во Тработивиште.

Узунски има освоено повеќе признанија и награди меѓу кои и наградите за „Особено истакнат педагошки работник“-1980; Гран при од ФИИП „Пеце Атанасовски“ 2011; Плакета за животно дело од Градоначалникот на општина Делчево, по повод „100-год град Делчево“; Државна награда за народен уметник, 23-Октомври во 2014 год; „Најдобар културен работник на Источна Македонија“.

Ние неговите следбеници, остануваме да чекориме по патот кој тој ни го трасираше со завет да истраеме пред сите предизвици, давајки максимален допринос во оддржливоста на пијанечкиот фолклор а особено на орото “Копачката“.

Денес на денот кога пред две години Димитар Узунски, не напушти засекогаш, дојдовме да му се поклониме пред неговиот споменик и да му оддадедеме почит. ВЕЧНА МУ СЛАВА!

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*