Спелеолози од Скопје ја истражуваа пештерата Конска Дупка и Тунелот во с.Град

Објава на претседателот на ПСК ,,Голак”, Љупчо Чучуковски:

Вчера (29.11.2023), со мои пријатели од СПЕЛЕОНУРКАЧКИ КЛУБ ВРЕЛО од Скопје, кои беа мои гости, направивме едно мало истражување на пештерата КОНСКА ДУПКА која е НАЈИСТОЧНА ПЕШТЕРА во државата, како и на Тунелот со вода кој се наоѓа под големата карпа над која се наоѓа тврдината ГРАДИШТЕ, над село ГРАД на планината ВЛАИНА (Општина ДЕЛЧЕВО – Област ПИЈАНЕЦ (ДЕЛЧЕВСКА)).

ТУНЕЛОТ 715 м.н.в. се наоѓа од десната страна над река ГРАШТИЦА (ГРАДСКА РЕКА), во големата варовничка карпа под праисториската населба ГРАДИШТЕ 801 м.н.в. над селото ГРАД на падините на планината ВЛАИНА.

Истиот е тешко пристапен заради тоа што не е исчистен самиот влез од трње, капини, трева. ТУНЕЛОТ е правен за време на ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА 1943 година, каде околу него се наоѓаат мали количини на БЕТУМЕН, кој тогаш бил многу потребен, бидејќи пред самиот тунел по течението на река ГРАШТИЦА (ГРАДСКА РЕКА) била правена железничката пруга кон БУГАРИЈА.
ТУНЕЛОТ е со должина од околу 50-тина метри во кој странично паѓа вода (не се знае од каде доаѓа водата), така што дното на тунелот е постојано со вода околу 30-40 сантиметри. Интересно е што на крајот на тунелот се наоѓа триаголна плоча на која има гравирано Крст и нејасни знаци.

КОНСКА ДУПКА 770 м.н.в. – НАЈИСТОЧНА ПЕШТЕРА ВО ДРЖАВАТА.

Се наоѓа во голема варовничка карпа од левата страна над река ГРАШТИЦА (ГРАДСКА РЕКА). Истата е тешко достапна бидејќи самиот пристап до пештерата е во неуредена состојба, односно некогашните реквизити за качување се скапани, опасни и доста затрупани, а карпите доста опасни.

Влезниот дел на пештерата е широк, како и внатрешноста, која претставува мала пештерска сала, долга 12 м и широка околу 3-4 м. Висината до таваницата во овој дел е околу 2-3 метри. На крајот од салата, на левата (северна) страна, речиси вертикално се искачува еден канал со должина од 8 метри. Истиот излегува на површината, поточно на едно зарамнување десетина метри над влезот во пештерата (сепак, овој канал на врвот – излезот е тесен за „провлекување“). Според извршените мерења, вкупната должина на КОНСКА ДУПКА е само 24 м.

Целиот околен простор изобилува со археолошки остатоци, а влезот во пештерата има одлична стратешка положба со тешка достапност, извишеност и извонреден поглед кон долината. Во внатрешноста на пештерата има повеќе лилјаци, а на самиот влез може да се налета на влечуги, па и на поскокот поради што е потребна внимателност.
Детално истражување на КОНСКА ДУПКА беше изведено на 10.07.2015 година.

Од спротивната страна на пештерата, се наоѓа ТВРДИНАТА ГРАДИШТЕ 790 м.н.в. како и етно паркот кои сите заедно се интересна туристичка дестинација. 😃 (Y)

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*