Поставени надзорни камери на неколку локации во градскиот парк во Делчево

Викендов, несовесни граѓани уништија дел од новогодишните светилки поставени на новогодишните фигури во градскиот парк со што направија голема штета на опремата.

Со овој вандалски чин во Делчево се продолжи неславната традиција за уништување урбана опрема поставена на јавните површини. И наместо Делчево од вечерва да светне во новогодишна магија, повторно е потребно на веќе подготвените новогодишни украси и светилки, да се инсталираат нови.

Општина Делчево апелира до граѓаните за совесно и одговорно однесување и посочува дека поставените светилки се под висок електричен напон. Целта е сите заедно одговорно да придонесеме и да го чуваме општото добро, пред сè, да овозможиме децата да уживаат во новогодишната магија. Граѓаните треба да се сами свесни дека со уништување на урбаната опрема во градот, самите себеси си прават штета, бидејќи поставената опрема е на сите нас!!!

Поради тоа, денеска на неколку локации во градскиот парк се поставија видеокамери со цел подобра контрола и полесно пронаоѓање на сторителите и нивно понатамошно процесуирање во судските инстанци.

Инаку, во Делчево интензивно се работи на инсталација на новогодишните украси, а веќе се поставени новогодишни фигури и дрвени куќички наменети за угостителско-трговска дејност кои ќе донесат содржина повеќе за збогатување на новогодишната магија во градот. Поставувањето на овие новогодишни реквизити го оплеменуваат градскиот парк и го облекуваат во новогодишно руво, на тој начин, ја збогатуваат новогодишната атмосфера во Делчево нудејќи можност за убави фотографии и радост кај најмладите.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*