Пораз на стартот на ЕП: Франција преголем залак за Македонија!

Ракометната репрезентација на Македонија во натпреварот кој го одбележа светски рекорд и 55.000 гледачи кратко ѝ парираше на Франција, па доживеа пораз (29-39) на отворањето на Европското првенство (ЕП) кое се игра во Германија. Еден од главните фаворити за медал имаше тежок почеток, но потоа се консолидира и во ниту еден наврат на нашиот национален тим не му дозволи да се доближи резултатски. За тимот на Лазаров сега следи уште еден меч со гигант, тоа е против домаќинот Германија во Берлин.

Селекторот Лазаров се одлучи за најавениот тим, без Кизиќ и Ѓорѓиев, а Франција возврати со сите свои ѕвезди и легендата Никола Карабатиќ. Талески за Македонија и Деска од седмерец за Франција ги постигнаа првите голови и од старт се забележа тенденцијата за брза игра и индивидуалности. Џонов беше изненадувањето на Лазаров и со два гола израмни на 4-4 во седмата минута. Митревски со две одбрани ја подигна публиката, а погоди и Пешевски од позицијата кружен напаѓач. Во деветтата минута Костески реализира од полуконтра за прво наше водство (5-6). Дуелот мина во надигрување во многу грешки, но нашата одбрана и капитенот Митревски делуваа поразиграно од францускиот бедем. Кузмановски не реализира зицер за +3 и Гијом Жил на половина полувреме повика тајм-аут при 8-10 за Македонија.

Нашите брзоплети грешки донесоа лесни голови на француските крила и израмнување во 17. минута (10-10). Шест минути нашиот напад не постигна гол и со серија 4-0, момците на Гијом Жил ја вратија предноста. Нашите технички грешки зачестија и Лазаров повика минута одмор при 14-11 во 24. минута. Митев го пресече францускиот ритам, но првиот дел заврши со голови на Пранди за 17-13 на полувреме.

Во воведните десет минути од вториот дел, Французите ја одржуваа високата предност. Беше 23-17, а Митев погоди повторно на убав начин и намали на 23-18. Но, техниката на Турнат беше енигма за нашата одбрана. Можеше Франција да оди и на повисок плус, ама голманот Митревски го сопре Карабатиќ во обидот да погоди. Сепак, искусниот играч се поправи и стрела за првпат од четири шута за 25-18, што беше највисока предност на ривалот на овој дуел.

Продолжението од средбата донесе брза игра и гол за гол, во 45. минута беше 28-21, на влезот во последните десет минути беше 32-25 и практично мечот веќе беше готов затоа што фаворитот на хартија не дозволи ниту еднаш нашиот национален тим да се доближи на помала негатива. Во финишот за првпат Французите имаа и двоцифрена позитива (37-27).

Најдобар стрелец кај Македонија беше Жарко Пешевски со седум гола, пред Иван Џонов со пет реализации. Кај Франција, прв стрелец беше Уго Дескат кој даде седум гола, шест во првото полувреме и беше прогласен за МВП на мечот, а Дилан Нахи имаше шест гола, додека Дика Мем погоди пет пати.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*