Борче Мирчевски најсреќен за Водици во Делчево

Триесет и тригодишниот Борче Мирчевски прв го извади чесниот крст од водите на река Брегалница за христијанскиот празник Водици во Делчево. Ова му е прв пат да ја има таа среќа, откако претходно неколку пати учествувал на традиционалното положување на светиот крст во водите на река Брегалница. Во неговата изјава Мирчевски на граѓаните им го честиташе празникот Богојавление Водици порачувајки до сите кои не учествувале во оваа традиција тоа да го сторат во некоја од наредните години.

-Бог се јави, нека е за многу години. Јас сум Борче Мирчевски, досега имам учествувано 5,6 пати, а ова ми е прв пат како го фаќам чесниот крст. Имам 33 години, чувството е убави, порачувам оние кои не пробале, да пробаат да учествуваат, рече Мирчевски.

Благослов до Мирчевски прв упати епископот на Делчевско-каменичката епархија г-н Марко кој рече дека Господ на овој ден благословил тој да го извади крстот.

-Голем е тој благослов, нека го прати среќа и здравје во животот и нека му даде Господ и понатаму да го фати уште неколку пати ако е божја воља, истакна епископ Марко.

Традицијата поврзана со денешниот ден е една од најзначајните и таа живее со векови и нè обединува потврдувајќи ја силата на нашата жива вера, рече градоначалникот на Делчево Горан Трајковски посочувајки дека тоа е голем празник во сите храмови, посебно во Делчево, каде чинот на осветување на водите на реката Брегалница, вообичаено, собира илјадници верници кои сведочат на осветувањето на водите и носи благородна порака за Божјата благодет, прочистување, оптимизам, надеж и верба во доброто, совршеното, чистото. 

-Упатувам честитки на нашиот сограѓанин Борче Мирчевски кој успеа да го фати светиот крст од студените води на Брегалница и му посакувам да го следи среќа и него и неговото семејство, а да донесе среќа и бериќет на целиот наш град. Бог се јави, нека е за многу години, кажа Трајковски.

Градоначалникот на Општина Делчево на среќниот пронаоѓач на крстот во водите на река Брегалница му додели ваучер во износ од 10. 000 денари, а од Црквата во Делчево беше доделена света икона, библија и крст. И годинава награди додели општествено одговорната фирма „Зегин“, која додели ваучер во висина од 14.000 ден. од „Техномаркет“, а сите кои скокнаа по светиот крст добија маици од компанијата.

Празнувањето за Богојавлени Водици  започна во градската црква „Успение на пресвета Богородица” со света литургија со која чиноначалствуваше Неговото преосвештенство епископот г-ин Марко.  По повод празникот, во градскиот парк беше организирана прослава од локални угостители. На чинот на положување на светиот крст во река Брегалница во Делчево учествуваа 30 тина момчиња.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*