,,Патувања низ Македонија” – Делчево еден од најчистите градови во Македонија

Страницата ,,Патувања низ Македонија” е еднс од најпознатите страници кои преку посета на македонските градови ја доловуваат нивната убавина. Една од последните нивни објаби е за Општина Делчево, а еве што велат за еден од најисточните градови за Македонија:

🏙Делчево – Градот на Гоце Делчев

🇲🇰⚔️Име на град по Македонски револуционер

⭕️Делчево е третиот најисточен град во Македонија, по Пехчево и Берово и еден од најчистите градови во државата. Делчево е најголемото населено место во регионот Пијанец.
Овој град е именуван по Македонскиот револуционер Гоце Делчев. Но Делчево не било од секогаш наречено по нашиот револуционер. Пред да го добие сегашното име, Делчево се викало ,,Царево село”, односно ,,Василево” по Византискиот цар Василиј II. Делчево имало и уште едно име пред да го добие името Царево село, а тогашната населба се викала ,,Султанија”.
На 23 април 1950 година Президиумот на Народното собрание на НР Македонија во чест на револуционерот и борец за слободна Македонија, Гоце Делчев, решава Царево село да се преимени во Делчево.
За првпат како населба Царево село се споменува во повелбата на Цар Душан од 1347 до 1350 година.

⭕️По капитулацијата на Бугарија на 9 септември 1944 година, по наредба на Македонските народно-ослободителни бригади, Третиот батаљон на Четвртата Македонска ударна бригада на ПОМ влегува во Царево село без борба, кое пред тоа било окупирано од Бугарскиот фашистички окупатор. По тој настан, жителите на Царево село организирале победничка парада на улиците.
По Бугарите, Царево село го окупирале и Германците. Царево село од Германските фашистички окупатори било конечно ослободено на 19 октомври 1944 година и повторно била организирана победничка парада.

⭕️Ова село го посетил и турскиот патеписец Евлија Челебија во 1662 година.
По неговата посета тој запишал: „од таму го пресековме Кочанско поле и по три часа ја преминавме теснината и дојдовме во селото Чарена (Царево село)”. Се задржал само еден ден и констатирал дека ова е муслиманско село, иако според пописот во 1570 година имало 50 христијански и 8 муслимански семејства. Во тој период постоела и џамија, која денес се смета за еден од најстарите објекти во градот.
Покрај Евлија, за Царево село имаат пишувано и многу други патеписци кои го посетиле селото, како Марија Карлова (Русија) и Васил К’нчов (Бугарија), а за него имал пишувано и Ѓорче Петров во неговата книга „Материјали по изучувањето во Македонија“ издадена во Софија 1896 година.

⭕️Освен градот Делчево во Македонија, името Делчево го носи и село во Бугарија, кое се наоѓа на 150км. од градот, на Пирин планина, кое е во непосредна близина и на градот Гоце Делчев.
Градот Делчево е еден од омилените Македонски градови за пазарување на дел од бугарите, кои скоро секој викенд доаѓаат во Делчево за да пазаруваат по пониски цени. Исто така тие често ги посетуваат и рестораните во Делчево.

⭕️Скоро секоја година во градот се одржува Делчево Фест, а се одржува и познатиот ,,Меѓународен фестивал на хумор, сатира, афоризам и карикатура – Пијанец”.
Во Делчево можете да ја посетите црквата Св. Кирил и Методиј, паркот Гоце Делчев со споменикот на нашиот великан и езерцето, црквата Св. Климент Охридски, градскиот плоштад, паркот и бината покрај реката Брегалница, да прошетате по кејот на реката, да ја видите старата градска архитектура, старата црква Успение на Пресвета Богородица, уникатната фонтана Бесконечност, споменикот на паднатите борци, Домот на АСНОМ, а во непосредна близина можете да ги посетите езерото Сандански, средновековната Маркова кула и Истевнички Кукуље (кои за жал не успеавме да ги најдеме, бидејќи по пожарот патеката не е означена).

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*