Делчево одбележува 152 години од раѓањето на патронот Гоце Делчев

Делчево одбележува 152 години од раѓањето на великанот и патрон на градот Гоце Делчев. По тој повод во организација на Општина Делчево денеска пред споменикот на револуционерот во центарот на градот се поклонија и цвеќе положија претставници на општината, политички партии, институции и здруженија на граѓаните.

Во рамки на одбележувањето членовите на КУД „Гоце Делчев” прочитаа реферат за животот и делото на Делчев, а на настанот учествуваше и градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски.

-Денеска го чествуваме денот на раѓањето на апостолот на македонската револуционерна борба и патронот на Делчево одбележувајќи 152 години раѓањето на Гоце Делчев. Во таа чест се поклонуваме пред Делчев и достоинствено оддаваме почит на неговиот лик и дело.Како следбеници на ликот и делото на Делчев ги промовираме неговите заложби и работиме да го изградиме нашиот град достоен носител на неговото име. Делчев е револуционерот кој обединува, а не разединува, рече Трајковски .

Делчев како што додаде е лик од кој треба да учиме како да ја сакаме и да ја градиме нашата општина и нашата држава и учејќи од него граѓаните треба да продолжат по патот на прогресот, градејќи достоинствена македонска држава.

Името на големиот револуционер градот го носи од 1950 година кога Президиумот на Народното собрание на НР Македонија донесува одлука Царево Село да биде преименувано во Делчево.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*