Делчевските пчелари го одбележаа Св.Харалампиј, заштитникот на пчеларите

Пчеларите од делчевскиот регион го одбележаа Св.Харалампиј, заштитникот на пчеларите. Одбележувањето на денот се одржа во организација на здружението ,,Пијанечка Пчела 2″ чиј претседател Јованчо Медарски информираше дека ова е втора година како делчевските пчелари го одбележуваат овој празник, а намерата е тоа да прерасне во традиција.

-Сакаме во иднина овој собир да биде традиционален. Убаво е кога се дружиме, кога разговараме меѓу себе и кога споделуваме сопствени искуства. Сакаме соработката да ја прошириме на пошироко во иднина, преку организирање на предавања како и посети на саеми за пчеларство, онаму каде не сме биле, рече Медарски.

Во рамки на настанот пчеларите кршеа и погача со паричка, а честа да му падне паричката му припадна на пчеларот Љубе Трајановски од Делчево.

-Нека е за многу години празникот, да дава здравје на пчеларите, а со тоа и на пчелите. Јас имам околу 70 пчелни семејства, од самата работата со пчелите произведувам ливадски и шумски мед. Цената е околу 600 денари, сметам дека со таа цена донекаде е добро, рече Трајановски.

Акцент годинава од здружението ќе дадат на зголемување на членството со помлади членови, како и одржување предавања со учество на предавачи кои имаат долеми познавања од пчеларството.

-Едно такво предавање имаме во понеделник (26 февруари 2024) на тема која многу ги тишти пчеларите, тоа е болеста кај пчелите со акцент на ,,празна кошница”. Улогата на предавач на настанот ќе ја има проф д-р Младен Млаѓан, човек кој има исклучиво познавање на болестите кај пчелите до детали. Очекуваме поголемо присуство од денешното, на овој настан за кој поддршка имаме од градоначалникот на Општина Делчево, одаде Медарски.

Во рамки на слободната дискусија помеѓу пчеларите од делчевскиот регион, впечатокот е дека изминатата година била добра за самоте пчелари кои се задоволни од приносот, а очекуваат така да продолжат и оваа година.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*