Семејството Давиткови на Делчево му дарува Гинко парк, засадени првите 50 садници Гинко билоба

Околу 50 од вкупно 90 садници од јапонското дрво Гинко билоба денес се засадија во паркот во близина на Градскиот стадион во Делчево.

Иницијативата е на сестрите Лиле и Сузана Давиткови, кои во чест на 90-тиот роденден на нивниот татко Асен, решија да организираат акција за засадување на садниците, со цел местото да прерасне во Гинко парк, прв од ваков вид во градот Делчево.

-Неодамна со моето семејство на градот Делчево решивме да му донираме садници од дрвото Гинко билоба. Поводот е 90-тиот роденден на нашиот татко и дедо, а целта е да го продолжиме неговото дело и мисија за зачувување и љубовта кон шумите. Се одлучивме за Гинко билоба, затоа што е одличен прочистувач на воздухот и од тие причини е дел од градското зеленило на многу градови, а особено во светските метрополи, но и заради симболот за долговечност. Сепак главната причина е затоа што тоа било првото дрво кое во Делчево го има донесено нашиот татко, кој својот работен век го помина во претпријатието „Шумско стопанство“ Голак, рече Лилјана Живковиќ (Давиткова).

Асен Давитков како што додадоа неговите ќерки има дадено огромен придонес за развојот на планината Голак, учествувајки во изградбата на секоја патека, чешма кои во тоа време се направени под негово раководство и организација, а учествувал или бил дел од изградбата на скоро сите објекти и спортски терени на планината. 

-Пошумувањето беше негова мисија, но и пасија. Колку само работни акции организираше за пошумување, знаат сите кои биле дел од тоа! Заедно со неговиот тим со кој раководеше и соработуваше, засадија огромен број на дрва на Голак, Саса и околината. На Голак, на пример, направи преубав насад со ариши, преубави дрва, кои и ден денес ја красат планината. Првата молика од Пелистер ја донесе и ја засади тој. Како долгогодишен директор на претпријатието шумско стопанство Голак Делчево зад себе остави многу реализирани проекти за развојот на претпријатието и планината, кои со право ги нарекуваше „дом“, додадоа од семејството Давиткови.

Садниците се обезбедени со поддршка на Томе Стојанов познат како Томе Гинко кој повеќе од 11 години одгледува од овој вид на јапонскисадници. Тој изрази надеж дека овој гинко парк во Делчево нема да биде единствен.

-Идејата е прво да го прошириме, да бидат 90 дрвца колку што години требаше да има чичко Асен. Неговите дела се големи, знам дека сега однекаде не гледа и се надевам дека ќе направиме уште многу вакви акции и силно верувам дека ќе има други паркови. Еве во понеделник исто ќе засадиме 12 дрвца за 12-те младинци во Ваташа, додаде Стојанов.

Реализацијата на проектот за првиот гинко парк несебично е прифатена од градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски и директорот на Комуналното претпријатие Стојче Стојковски, кон кои сестрите Давиткови упатија голема благодарност за поддршката и соработката при реализацијата на овој проект. 

На самото засадување на гинко садниците денес присуствуваа и голем број на поканети граѓани кои ја поздравија оваа иницијатива, порачувајки дека таа треба да биде пример и за останатите граѓани како се сака градот.

-Многу добра иницијатива и јас би сакала да се применува и од други сограѓани и да се продолжи со такви други иницијативи, истакна Билјана Димитровска, учесник во акцијата.

Доктор Соња Мавродиева – Георгиевска која зеде учество во денешната акција, додаде дека Делчево ќе добие еден прекрасен парк, оценувајки ја иницијативата на сестрите Давиткови како одличен пример како треба сите да се однесуваат и изрази надеж дека секој еден човек ќе засади барем по едно дрво, алудирајки на еколошката катастрофа со пожарите кои пред три години му се случија на Делчево.

За доктор Виолета Ѓоргевска исто така ова е одлична иницијатива поттикната од самото семејство во кое и тие со нејзиниот сопруг учествуваат, дело за кое се радуваат бидејки еден ден Делчево ќе има Гинко парк за спомен на чичко Асен во кој сите ќе уживаат  и ќе се релаксираат.

Од семејството Давиткови упатија благодарност до сите учесници во денешната акција како и до сите кои им изразија поддршка во реализација на нивната идеја Делчево да го добие првиот Гинко парк во градот. 

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*