Наградени најистакнатите крводарители од Делчево и Македонска Каменица

По повод 70 години од основањето на Црвен Крст на РСМ и 29 години од полноправното членство во Меѓународната Федерација на друштвата, денес беа доделени награди и признанија на најистакнатите крводарители од општините Делчево и Македонска Каменица.

Како што истакна Билјана Георгиевска, претседателка на Општинската организација на Црвен Крст од Делчево  крводарителството во Македонија е во подем, а 2023-та година според неа може да се оцени како успешна година за крводарителството во Делчево и Македонска Каменица, затоа што бројот на преократни дарители се зголемува. 

-Како резултат на посветеноста на активистите на Црвен крст, на Службите за трансфузиона медицина и благодарение на крводарителите и на сите поединци, фирми, институции во изминатата 2023 година се реализираа 18 крводарителски акции на коишто се даруваа 1135 крвни единици, со што го надминавме планот со 163 проценти, рече Георгиевска.

Таа најави дека Црвен крст Делчево континуирано и посветено ќе продолжи да работи на промовирање и на унапредување на крводарителството во Делчево и Македонска Каменица

-Црвен крст Делчево изразува благодарност и почит кон сите крводарители, поединци, фирми, институции кои го помогнале развојот на крводарителството во Делчево и Македонска каменица, додаде Георгиевска, посакувајки им добро здравје на сите крводарители.

Денешниот настанот се одржа во соработка со Општина Делчево која во оваа прилика додели сребреници со логото на општината, на крводарителите кои дарувале крв 100 и 75 пати, а на крводарителите кои донирале крв 50 пати во соработка со брендот Фротирка од Делчево им додели сет од нивни производи.

Наградите и признанијата на најистакнатите крводарители им ги додели градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски.

-Донирањето на крв не е обична акција, тоа е подарување на живот. Секоја капка крв што ја донирате може да биде мост за спасување на некој кој што се бори за својот живот. Секој донатор станува дел од вистинската мисија на општеството да го чува својот живот и животот на другиот и да ги поддржува оние кои се соочуваат со предизвиците на здравствените состојби, рече Трајковски.

Лимонка Стоименовска од Службата за трансфузиологија од Делчево изразувајки почит кон крводарителите, додаде дека крвта е единствен лек кој не може да се купи, туку може да се добие преку крводарување. 

-Со тоа сакам да ви изразам длабока почит и да ја продолжите вашата хумана мисија да бидете крводарители, рече Стоименовска.

Еден од крводарителите со најмногу дарувања е делчевецот Бранко Тричковски, роден 1957 во делчевското село Вирче. 

-Со крводарување почнав во 1974 година, до 65 години до кога можев да дарувам имам подарено крв 150 пати. На сите млади им препоралувам да се вклучат во семејството на крводарители бидејки крвта значи животз истакна Тричковски.

Крв редовно даруваат и лекарите, а доказ за тоа е доктор Гоце Стојменовски кој денес доби признание за неговото 50-то крводарување.

-Ја работам најхуманата професија, а со тоа покажувам хуманост на дело. Живееме во време на многу патологии, на многу верижни катастрофи каде крвта е потребна за спасување животи, рече Стоименовски.

Крводарителството во Македонија како што беше кажано на самиот настан се темели на принципите на хуманост, доброволност, анонимност, бесплатност и солидарност. Само ваквите принципи обезбедуваат посигурна крв и крвни продукти.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*