Под мотото “Чиста вода за Делчево, секоја капка е важна” одбележан Светскиот ден на водата во Делчево

“Чиста вода за Делчево, секоја капка е важна” е слоганот под кој денес во Делчево се одбележа Светскиот ден на водата. Настанот се реализира како дел од проектот за подобрување на водоснабдувањето во Делчево, финансиран од Швајцарската Влада и министерството за животна средина и просторно планирање.

Во рамки на овој настан се организираа спортски игри, во кои учествуваа децата од детската градинка “Весели Цветови”, ученици од двете основни училишта Св. Климент Охридски, Ванчо Прке и од Дневниот центар за лица со посебни потреби.

Со денешниот настан како што истакна градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски се истакнува важноста на зачувувањето на овој драгоцен ресурс. 

-Водата е извор на живот, клучна за сите облици на живот на нашата планета. Без чиста вода, човештвото неможе да опстан. Како градоначалник, горд сум на нашиот град и на нашите напори да ги зачуваме водените ресурси. Меѓутоа нашата работа сеуште не е завршена. Мораме заедно да работиме на подигањето на свеста за важноста на штедењето на водата и зачувување не нашите водени екоресурси, рече Трајковски.

Според него многу е важно да се  инвестира во инфраструктура која подразбира одржливо управување со водените ресурси, а исто така вклучува модернизација на  системите за водоснабдување, кои што ќе овозможат намалување на губитоците на вода, со што ке се зголеми ефикасноста.

-Мораме сите да се посветиме на заштита на нашите реки и езера, како би можеле да ја сочуваме биолошката разновидност и еколошката рамнотежа.  Денот на водата нека биде наш потсетник за да продолжиме да работиме на зачувувањето на водата како наш најдрагоцен ресурс за сегашните и идните генерации. Само заедно можеме да овозможиме нашиот град да остане витален и просперитетен во годините кои доаѓаат, додаде Трајковски.

Во планираните активности учествуваа околу 200 учесници кои по завршување на настанот од страна на Јулијана Лапевска, претставник од проектот и директорот на ЈКП  ,,Брегалница”, Стојче Стојковски добија благодарници и пригодни награди.

За време на паузата присутните можеа да ги видат изложени и креативните изработки од пластични капачиња на тема Вода во чии рамки со свои креации се претставија ученици од двете основни училишта, детската градинка и Дневниот центар за лица со посебни потреби. Изработките беа ставени на аукција, а средствата ќе бидат донирани на деца од социјален ризик.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*