По Килиманџаро, Мон Блан следна желба на Мира Симоновски која на 74 години се искачи на ,,покривот” на Африка

Не стивнуваат импресиите од подвигот на делчевската легенда на планинарството Мира Симоновски која на почетокот на месец март на свои 74 години го искачи 5895 метри високиот врв Ухуру на планината Килиманџаро. Следејки го нејзиниот подвиг од почеток до крај, а среќавајки ја неодамна на градскиот пазар во Делчево, во блиц интервју успеавме да дознаеме уште неколку детали за самиот подвиг кои Симоновски имаше желба да ги сподели со јавноста.

-Ми беше силна желба да го искачам Килиманџаро, требаше тоа да го сторам пред неколку години со планинарско друштво КПС Азот од Велес, меѓутоа тогаш немав средства. Сега имав уплатив 3000 евра и 600 американски долари и ми се оствари желбата да отидам со нивната експедиција, раскажува Симоновски.

Патешествието од Делчево до Африка, вклучително и искачувањето на Килиманџаро, како што додава траело вкупно 12 дена.

-Најтешкиот дел беше секако искачувањето, се искачивме на 3 март 2024, а тргнавме претходната вечер во 11 часот, значи искачувањето траеше околу 10 часа. Обично трае 9 часа, но младите го искачија врвот Ухуру за 9 часа, а ние околу 10 часа, секако и јас како најстара. Целиот терен е лош за искачување ноќно време со лампи на главата, морате се пред вас да гледате, но со водичите, добро е. После на 4 километри од самиот врв беше подруго, се чувствуваш како на седмо небо, гледаш се одозгора, додава делчевскиот планинар.

Симоновски не ја држи место, веднаш по овој подвиг има желба да го искачи Мон Блан, а добила повик за учество во експедицијата о Перу, Јужна Америка.

-Прв предизвик по освојувањето на Килиманџаро ми беше Олимп, но немав друштво. Мон Блан и него го планирам. Вчера добив повик за Перу, ама требаат средства, една таква експедиција би чинела околу 3000 евра сигурно, прецизира планинарката од Делчево.

Симоновски претходно на 70 години го има освоено и 5375 метри високиот Арарат, а меѓу позначајните врвови кои ги има освоено е и врвот Триглав на Јулијските Алпи. 

Најмладиот кој учествувал на експедицијата за освојување на врвот Арарат имал 16 години. За да учествуваш на такви експедициии вели дека желбата е пресудна, а годините се само бројка. Секоја работа како што потенцира е тешка во почетокот, но ако редовно се оди на планинарење, веќе нема враќање назад.

За идните походи како што додаде се ќе зависи од финаниските средства, за  последното искачување поддршка имаше од Советот на Општина Делчево, но досега како што додава средства не барала од никого. Тоа им го потенцира на сите кои ја канат на учество на идни експедиции. 

За нејзиниот подвиг на 74 години неодамна слушна и претседателот на државата Стево Пендаровски кој лично сакаше да ја запознае Симоновски и оствари посета во нејзиниот дом во Делчево.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*