На Караколот – осврт за едно планинарско патешествие

Текст на поетесата Христина Деолска

Од планинарските патеки
24 март 2024

НА КАРАКОЛОТ

Искачувањето до Омар (1200м) одамна беше планирано во агендата на ПС„Голак“. Конечно, и времето конечно се погоди. Екипата е тука, подмладокот на клубот, постари и „помлади“ членови и членки, гости-планинари од Бугарија…
Патеката почнува од Селник, Догазанска Маала – Караулата Селник, до Караколот Омар и враќање назад до почетната точка, по друга патека.

До Селник стигнуваме со возила по асфалтен пат кој се одвојува од патот Делчево – Драмче, и искачувајќи се преку чуката Китка (каде се граничат атарите на селата Драмче, Очипала, Селник и Киселица), се спушта до Селничка Река. Од Китка како на дланка се распростира Селник.
Овде поминувал „Друмо“ кој преку Селник и сртот Омар слегувал во долината на Струма, Бугарија.

Селник, ридско погранично село сместено на крајниот север на територијата на Општината Делчево. Освен со Р Бугарија, се граничи уште со Драмче и Киселица. Селото е од расфрлан тип, а најголем број на жители имало во 1953-335.Според минатогодишниот попис нема жители.

Почнуваме со посета на црквата Св.Петка во Селник, која датира од 13-14 век.
Црквата е еднокорабна со правоаголна основа, покриена со камени плочки. Градена е од кршен камен и вар. Над влезната врата има ниша со фреска на која е прикажана Света Петка. Прогласена за споменик на културата од национално значење од страна на Министерството за култура на Македонија.

Широкиот црковен двор со камбанарија е убаво уреден, слеан во природата и тишината која ова неделно утро ја нарушивме само ние. Околните маала одамна се празни, нивите необработени, ливадите запуштени. Само црквата опстојува низ вековите како нем сведок на растот и на пропаѓањето на селото. На Петковден, кој е патрон на црквата овде се збира многу народ (за оние што не знаат, сведочат отпадоците останати по таквите собори).

Продолжуваме уште кратко по асфалтниот пат, кој наскоро завршува, а продолжува земјаниот кон караулата Селник, од времето на СФРЈ.

Таму не пречекува некогашниот објект со руинирана внатрешност…и спомените. Како вчера да беше кога на 22 Декември, Денот на Армијата, ние учениците од основното училиште во Драмче, задолжително подготвувавме програма за граничарите одбележувајќи го денот заедно.
И така секоја година, ние ги почестувавме со приредба, тие со нивното гостопримство. Сега се чувствувам огорчено поради немоќта на ентузијастите ( и негрижата на властите) нештата да се спасат од забот на времето. Оние материјалните, другите ќе живеат во спомените и во некои писанија (доколку ги има).

Минуваме низ напуштени маала, природата се покажува во целиот свој раскош…мириса на расцутени сливи, првите пролетни цвеќиња слободно се распослале по зелениото кадифе. И привидот оди подалеку од најдалечните секавања, оти се, ама баш се потсетува на приказните од пред некој век. За тешкиот, но и идиличен селски живот, каде во тесните две-три одајчиња вриело од детски џагор. Скоро во средина на селото се наоѓа некогашното селско училиште, каде учеле до четврто одделение. Останатите одделенија ги продолжувале во Драмче, на скоро десетина километри оддалеченост (во еден правец). Гледано од денешен аспект, се чини невозможно, и тоа не само за децата, туку и за возрасните.

Инаку, во училиштето во Драмче, учеа и учениците од околните, Киселица, Селник, Вратиславци, Костин Дол, Очипала.
Секојдневно поминуваа помалку или повеќе колку ние денеска. По сонце, дожд, снег, невремиња…И тоа беше нормално.Никому не му текна да се жали.

Следна дестинација и главна цел на денешната патека е Омар. Се наоѓа во атарот на Драмче, на границата со РБугарија а воедно е и негова највисока точка. Најниската е во долината на Брегалница. Тука е Караколот (стражарница), фортификациски објект од минатиот век, 1924 г. граден за време на Кралството на СХС. Делува невообичаено на врвот од ридот на само неколку метри од граничната линија со Бугарија. Чудно е како градбите му одолеваат на времето, за разлика од човекот. Некогаш оттука минувал патот од Драмче за Ќустендил.

Радосна што ќе се искачам на Омар, ја понесов и монографијата за Драмче. Книга која ја работев со многу љубов и надеж да останат што повеќе податоци за наредните генерации.

И ете сме на Омар. Осамен на ридот, Караколот делува нестварно.
Како да не беше доволна сета убавина на моментот, денеска и официјално си добив членска книшка, и тоа на Омар! Му благодарам на Претседателот Чучуковски, за мене овој момент има преголема симболика! Ама, и тука не беше крај… моите пријатели се договориле да направат мини промоција на „Драмче“ – на врвот! Со Миле Ѓорѓијоски се е можно! (Иако, непредвидлив кога станува збор за промоции, не помислив дека по десетина пропешачени километри ќе размислува за тоа). Му благодарам, тоа ќе е уште една во редот незаборавни промоции.
И нормално, јас бев среќна и задоволна. Драмче ќе живее, па ако еден ден остане без ниеден жител, ќе остане писанието како сведок.

А ние, благодарение на овие патеки (лесни, средно тешки, рекреативни што би рекол, Чучуковски,и понатаму ќе продолжиме да ги „откриваме“ убавините на нашиот крај, нашата земја.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*