Во беровското маало ,,Јуруко” продолжи традиционалната прослава на празникот Источен Петок Балаклија

Четиринаесетта година по ред во беровското маало ,,Јуруко” продолжи традиционалната прослава на празникот Источен Петок Балаклија. Настанот се одржува првиот петок по Велигден меѓу жителите наречен и како Беровска Богородица. 

Сашко Зорбовски жител на маалото и кум на средбата информираше дека од година во година одбележувањето на настанот е се помасовен.

-Јас сум кум на маалската средба во Јуруко, најстарото маало во Берово. Првиот петок по Велигден познат како Балаклија, ние веќе 14 години како се собираме да ја одбележиме како што ние ја викаме Беровска Богородица. По тој повод за населението од Јуруко организираме традиционален ручек, секако и за гостите. Целта е најмногу повторна средба на иселениците од ова место. Имаме музика, храна и пијалоци за гостите, се прави голема забава со играорна група и настап на Жаклина Узунова, информира Зорбовски.

Порано како што додава во рамки на  настанот се организирале пеливански игри и на настанот се собирало целото население од Берово.

-Сега помладите го организираме, а порано старите од цело Берово се собирале горе кај месноста Јуруко, имало голем собор, пеливани се бореле. Сега ќе повторам целта е да се извидиме со тие што не сме се виделе преку целата година или повеќе години. Посакувам убаво да си поминат сите присутни и од година во година да биде помасовно, додаде Зорбовски.

Постарите жители велат дека толку голема слава на Источен Петок Балаклија на друго место во Македонија не постои.

-Тоа е голема традиција, одамна постои. Секоја жест за жителите од цело маало кои се собираат  организираат се сами. За готвењето сме задолжени, ние неколку луѓе. И годинава имаме супа, грав за ручек, салати пиење и музика, додава еден од готвачите.

Годинава чест на домаќините им направија делегација од Општина Струмјани, Р.Бугарија, а посетители има и од повеќе места во беровско.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*